септември 17, 2021

Повик за ангажирање на експерт/ка за спроведување обука за медиумски работници/чки

 

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот “Changing policies, challenging perspectives” финансиран од страна на The German Marshall Fund, oбјавува повик за ангажирање на експерт/ка за спроведување на дводневна обука за родово сензитивно известување и креирање на медиумски содржини.

Дел од активностите кои се предвидени со овој проект вклучуваат обучување на потенцијални автори/ки и медиумски работници/чки за родово сензитивно истражување и известување, како и стимулирање на темите од областа на родовата еднаквост. Програмата е наменета за сите заинтересирани (потенцијални) авторки, а особено студентки по новинарство и/или дипломирани новинарки и останати лица, кои може, но и не мора да се медиумски работници, но имаат докажан интерес за креирање на јавно мислење и активно менување на родовите наративи кои се пласираат во јавноста. Аргументираното и критичко пишување има потенцијал да ги зајакне девојките и жените во борбата против стереотипите, да помогне да испливаат потиснати приказни на површина, да креира простор за маргинализираните, да артикулира проблеми и предлага решенија и на тој начин да поттикне општествена промена.

Програмата е составена од дводневна обука, која има за цел теоретски и методолошки да ги подготви избраните авторки, како и да ги разработи нивните предлог теми. По обуката, секоја авторка во договорениот рок ќе работи на финализација на својот истражувачки есеј со редовна менторска поддршка.

Темите кои се од интерес на програмата се од областа на родово базираното насилство, различните облици и видови на родова дискриминација, родовите норми, стереотипи и предрасуди, институционалното (не)постапување, интерсекционалниот феминизам, медиуите и родот, но и други теми кои се занимаваат со микро и макро аспектите на родот, со јавните, но и приватните/интимните неправди и нееднаквости кои се резултат на системската поставеност.

 

ПРЕДМЕТ НА АНГАЖМАНОТ

Овој ангажман се состои во спроведување на следните активности:

  • Подготовка на програма (курикулум) за обука за родово сензитивно истражување и известување и презентација на методологии за истото;
  • Спроведување на дводневна обука за 6-те избрани учесници/чки во програмата.

 

ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА АНГАЖМАНОТ

Активностите од овој ангажман ќе се реализираат во периодот од 25.09.2021 до 05.10.2021 година, во договор со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет.

 

НАДОМЕСТ ЗА АНГАЖМАНОТ

Вкупниот бруто надомест за ангажманот изнесува 600 евра.

 

ПОТРЕБНИ КВАЛИФИКАЦИИ

  • Завршени магистерски студии во областа на општествените науки (новинарство, политички науки, правни науки, родови студии, комуникациски науки или сродно поле);
  • Добри познавања од областа на родовата еднаквост;
  • Практично искуство во областа на медиумите (традиционални и нови медиуми), медиумската писменост, етика во новинарството (најмалку 3 години);
  • Практично искуство со конципирање и одржување на обуки за медиумски работници.

 

НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Заинтересираните кандидати/ки за овој повик потребно е да достават професионална биографија (CV) на македонски или англиски јазик на следната електронска адреса: helkom@mhc.org.mk и копија до kalia.dimitrova@mhc.org.mk  со назнака „Eксперт/ка за обука за медиумски работници“ најдоцна до 21 септември (вторник) 2021 година. За сите дополнителни прашања можете да се обратите на некој од наведените мејлови.