септември 22, 2021

Ако си жена, не те бидува за градоначалник?

Линк до оригиналната статија

Од 301 кандидат за градоначалници на локалните избори, само 25 се жени. Повеќето партии не ни одговорија зошто речиси ексклузивно предложиле мажи кандидати, а декларативно се залагаат за унапредување на родовата еднаквост

Дел од политичарките, пак, сметаат дека е неопходно да се најде правен механизам за зголемување на бројот на жени на раководни позиции и во власта и во самите партии, како и да се санкционира говорот на омраза, кој ги демотивира жените да влезат во политиката

Северна Македонија е држава со речиси еднаков број жени и мажи како демографска категорија, но кога се во прашање локалните избори, таа статистика не е важна. Ако соодносот на машката и женската популација е близу 50-50, кај кандидатите за градоначалници тој е 92 спрема 8 отсто во корист на мажите.

Процентот помал од 10 отсто на застапеност на жените меѓу кандидатите за градоначалници е поразителен и го покажува недостигот на политичка волја за вклучување на жените во политичкиот живот. Вака од „Хелсиншкиот комитет“ ја коментираат (не)застапеноста на жените на локалните избори откако Државната изборна комисија ги објави официјалните листи според кои од 301 кандидат за градоначалник само 25 се жени.

Овој дисбаланс ги прави жените невидливи во изборите и покажува дека тие имаат само декларативно право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени, смета Бојана Јовановска од „Хелсиншкиот комитет“.

„Во извештајот на ОДИХР за последните локални избори во 2017 година една од препораките беше политичките партии и релевантните институции да преземат иницијативи за да го поттикнат учеството на жените во изборниот процес и во политичкото донесување одлуки, но со објавата на кандидатските листи сведоци сме дека освен декларативните заложби, сѐ уште немаме никаков суштински напредок во оваа област. И покрај тоа што беа направени одредени законски промени во прилог на родовата еднаквост во различни сфери и дел од партиите во својата предизборна реторика вклучија ветувања за поголема родова еднаквост, сепак, политичкото учество на жените е сѐ уште на многу незавидно ниво“,

вели Јовановска во изјава за „360 степени“.

Јовановска потсетува дека пред изборите, Платформата за родова еднаквост во која се обединети голем број невладини организации уште во јули годинава упати апел до политичките партии да обезбедат родов баланс на изборните листи за претстојните избори.

„Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка. Особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените (вклучително и на локално ниво)“,

порачаа тогаш до Платформата за родова еднаквост во отворено писмо до партиите.

Но, повиците за намалување на јазот меѓу мажите и жените на изборите не се одразува на кандидатските листи.

Дел од партиите „мудро молчат“

Според податоците на Државната изборна комисија, ниту една партија не е ниту близу до родова еднаквост кога е во прашање бројот на жени и мажи кандидати за градоначалници. Сепак, не се сите исти.

Најслаба застапеност на жените, или поточно никакво застапеност, прикажаа од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива и од партијата Беса. Тие немаат ниту една жена кандидат за градоначалник.

Следна на листата партии со најмногу резерви кон жените е ВМРО-ДПМНЕ. Тие предложиле само три жени од вкупно 63 кандидати, и тоа во Берово, Крушево и Центар. Процентуално, ниту 5 отсто од кандидатите не се жени.

Кај владејачката ДУИ, процентот на жени кандидати за градоначалници е 5,2 отсто. Соодносот е повисок од ВМРО-ДПМНЕ не затоа што предложиле повеќе жени од нив туку затоа што имаат помалку кандидати – 19. ДУИ, всушност, има предложено само една жена кандидат – актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи.

И ДПА има само една жена кандидатка, но од 14 кандидати. Затоа и нивниот процент на кандидатки е повисок – 7,1 отсто.

Помала од 10 отсто е застапеноста на жените кандидати за градоначалници на СДСМ, партија која на последните парламентарни избори промовираше целосна еднаквост, односно застапеноста на мажите и жените на пратеничките листи беше 50-50. На листите за претстојните локални избори СДСМ има пет жени од вкупно 69 кандидати и тоа во помали општини – Македонска Каменица, Арачиново, Могила, Петровец и Старо Нагоричане.

Националниот просек го крева Левица, која има две жени од вкупно 8 кандидати за градоначалници, додека поголема родова избалансираност има кај Движењето „Одлучно за промени“ иницирано од ЛДП и ДОМ, каде што од 18 кандидати за градоначалници пет се жени.

„360 степени“ побара ставови од дел од партиите како СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците/Алтернатива за тоа зошто е таков соодносот меѓу бројот на мажи и жени кандидати за градоначалници и како на овој начин ќе се залагаат за реализација на заложбите за зголемување на родовата еднаквост во сите сфери на општеството. До објавувањето на овој текст, одговор добивме само од СДСМ и Беса.

Објаснувањето на СДСМ е дека кандидатите биле избрани според анкети со граѓани и мерит-системот на партијата.

„СДСМ водеше транспарентна процедура за избор на најдобриот кандидат на градоначалник. Процесот се одвиваше во три фази, се направи анкета на терен со граѓаните, консултација со членството и мерит-системот којшто го спроведе партијата. Согласно резултатите, избрани се најдобрите кандидати за секоја општина, без разлика дали станува збор за маж или за жена. Во советничките листи во најголем  дел носители се жени и во советничките листи е запазена родовата еднаквост. СДСМ е првата партија која го воведе 50-50 принципот на пратеничките листи, прва што настапи со носители и коносители на листи и во сите партиски органи е пресликан тој принцип како што е Централниот и Извршниот одбор. Досегашната посветеност на родовата еднаквост повеќе пати е докажана на дело“,

вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.

Од Беса, пак, на чии листи нема ниту една жена меѓу кандидатите за градоначалници, велат дека немале заинтересирани жени за оваа функција.

„Процесот на номинација на кандидати беше отворен. Постапката е транспарентна. За жал, немало заинтересираност од страна на жени да бидат кандидати за градоначалници. Таму каде што имаше дебата, а имаше кандидати за носителки на листа, предност им е дадена на жени за да може да исполниме родова еднаквост. И, еве, во Липково и Долнени имаме носителки на листи“,

велат од Беса.

Кај партиските листи, поголема застапеност на жените има на листите за советници во општинските совети, но бидејќи тоа е законски предвидено со одредби во Изборниот законик кои предвидуваат дека меѓу кандидатите за советници, мининум 40 отсто треба да бидат жени.

Но, ако застапеноста се оценува по процентот на жени што се поставени како носителки на листите на советници, повторно бројот на жените е помал наспрема мажите. Најмалку жени носителки на листа имаат истите партии со најмалку жени кандидатки за градоначалнички – Алијанса за Албанците/Алтернатива и БЕСА.

Мал е процентот (12,5 %) и на носителки на листи од ДПА, додека кај ДУИ од 34 носители на листи 6 се жени или околу 17 отсто.

Од 81 носител на листа на кандидати за советници од СДСМ, пак, 28 се жени или околу 34 отсто, додека кај ВМРО-ДПМНЕ застапеноста на жените е 20 отсто, односно од 74 носители на советнички листи 15 се жени.

Дел од политичарите во изминатиов период застанаа во одбрана на нивните листи, а некои дури ги промовираа како достигнување. Од ДУИ, на пример, на прес-конференција се пофалија дека дури шест жени биле носителки на советнички листи.

„Како и секогаш, ја почитуваме адекватната застапеност на жените во политиката, го зајакнуваме гласот на младите и ја унапредуваме соработката со граѓанскиот сектор“,

порачаа од ДУИ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, претставувајќи ги кандидатите за градоначалници на новинарско прашање за малиот број на жени меѓу кандидатите, рече дека партијата немала законска обврска за конкретни проценти на застапеност и дека конечните одлуки биле донесени според мислењето на граѓаните.

„Родовата застапеност, согласно нашиот Статут, согласно законот, е во советничките места. Овде се озбира само еден кандидат. И кога имате еден кандидат не можете тоа да го поделите на ниво на Северна Македонија 50-50, а притоа пак да ги слушате и граѓаните. Кога одите доминантно на истражувања и на анкети и најпресуден е фактот што тоа граѓаните мислат, тогаш ги определувате личностите. Во советничките листа имаме целосна застапеност на жени и мажи подеднакво, иако законот е најмалку 40 отсто. Ние веќе на парламентарните избори настапивме 50-50, така ќе настапиме и на локалните избори за советничките листи“,

изјави Зоран Заев.

Иницијативите за законски измени „живеат“ само пред избори

За слабото учество на жените во политиката се зборува одамна, а како последица на слабата волја од страна на политичките партии за вклучување на жените во политичкиот живот беа воведени и законски регулативи за да се обезбеди баланс меѓу жените и мажите во одредени нивоа на власта.

Но, задолжителните 40 отсто застапеност на жените се предвидени само за советничките и пратеничкитете листи, додека за избор на градоначалници и министри нема такви правила. Па така, во актуелниот состав на Собранието има 47 пратенички наспрема 73 пратеници, додека во Владата има само четири министерки од 16 министерства.

Откако на последните локални избори мандат добија само шест градоначалнички, Клубот на пратенички најави дека ќе иницира законски измени и воведување задолжителни квоти на застапеност на жените и во кандидатурите за градоначалници.

Претеничката Маја Морачанин вели дека иако тоа подразбира „позитивна дискриминација“, сепак, верува дека квотите се неопходни за да се направи некаков исчекор сѐ додека поголемата застапеност на жената во политиката не стане редовна пракса.

„Факт е дека таму каде што нема квота како што е градоначалнички и министерки, тешко доаѓаат жените до овие позиции, така што мислам дека мотивирачко решение би било воведување на квоти додека не се воспостави пракса тоа се случува постојано. Како што е сега состојбата мислам дека без квоти и за пратенички и советнички ќе имавме далеку помал број жени. Не знам каде застана иницијативата, остана на ниво на разговори на една иницијатива која не се разработи докрај. Повеќе години наназад се навраќаме на таа иницијатива, но никако да премине во законско решение. Ова треба да се работи на долги патеки. Квотите се една од можностите како да дојдовме до зголемен број жени, за да стигнеме до момент да нема потреба од квоти, туку тоа да стане пракса на политичките партии“,

вели Морачанин.

Претседателката на Комисијата на Клубот на пратенички, Лолита Ристова, вели дека идејата за воведување на квоти е „жива“, но промени требаат и во самите партии.

„Потребно е широка политичка волја и општествен консензус за изнаоѓање на соодветни механизми кои што ќе доведат до зголемување на бројот на жени градоначалнички. Клубот на пратенички секогаш е будно око и коректив, но истовремено сме подготвени да предлагаме измени во правец на воспоставување на механизам со кој ќе биде зголемен бројот на жените во политиката и на другите одлучувачки позиции на разни нивоа на власт. Нашите напори се насочени тоа да го постигнеме првенствено во политичките партии од каде што доаѓаме, а потоа и преку предлагање на законски решенија. Како Клуб на пратенички родово сензитивно законодавство е една на нашите примарни цели“,

вели Ристова.

Сепак, додава Ристова, за зголемување на учеството на жените во политиката треба поголема мотивација и на жените.

„Впечаток и факт е дека недостига и доволно храброст кај жените да се кандидираат за градоначалнички. Потребни се анализи и градење нови стратегии. Едно се квотите или мерките, но друго е да имаме доволен број жени на локално ниво кои ќе сакаат и ќе се чувствуваат подготвени за да влезат во трка. Спроведените постапки за самокандидирање го покажаа тоа“,

вели Ристова.

Говорот на омраза и стереотипите ги одвраќаат жените од политиката

Но, што ги демотивира жените да се борат за повисоки партиски и државни позиции? Проблемот е подлабок, смета пратеничката Морачанин.

„Како и во сите другите сфери покрај политиката, едноставно, се уште кај нас постојат предрасуди и стереотипи за улогата на жената и се уште тој став дека на жените не им е место во политиката. Затоа мора да се работи најмногу во образованието, уште во претшколска возраст да се надминуваат стереотипите за улогата на жената во општеството. Второ, она што се случува во јавниот политички живот, особено присуството на говор на омраза, дискриминација од различен облик ги обесхрабрува жените да влезат во политика, бидејќи се поподложни на говор на омраза. Жените се обесхрабрени, бидејќи не е само личното чувство на вознемирување, туку тоа се рефлектира и на семејството и затоа мора тој говор на омраза да се санкционира. И трето, во самите партии иако постојат унии/форуми на жени, се уште генерално тие не се толку силни и влијателни во рамки на своите партии. И тука треба да се работи, за да се зајакнат женските организации во рамки на партиите преку нивното финансирање. Независното финансирање може да придонесе за да може да се зајакнуваат“,

вели таа.

Сличен став има и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„И покрај тоа што не постојат законски бариери за учество на жените во политичкиот живот, она што преовладува се општествените бариери односно патријархалната средина во која живееме, која очигледно сѐ уште не сака да ја види жената на позиција на моќ. Така, на пример, вчера се појави еден многу несреќен наслов во медиумите каде кандидатките за градоначалнички беа претставени како дами наспроти своите противкандидати кои беа претставени како адвокати и хирурзи. По неколку реакции насловот беше променет, но во суштина ова ја дава сликата за општеството во кое живееме, каде што жените во политика се уште претставуваат нешто невообичаено и најчесто се профилираат преку нивната улога во семејството, наместо преку нивните квалификации и професија. Дополнително, жените политичарки се многу често подложени на говор на омраза во медиумите, кој неретко се базира на нивниот изглед и нивна сексуализација, што може да влијае на обесхрабрување на жените за активно вклучување во политичкиот живот“,

вели Јовановска.

Сепак, Јовановска потсетува дека еден од клучните фактори за промоција и поддршка на учеството на жените во политичкиот живот се самите партии.

„Потребно партиите своите декларативни заложби за родова еднаквост да ги преточат во практични примери и да работат на промоција и охрабрување на жените и обезбедување еднакви шанси за избор, бидејќи со овој последен потег само ни потврдија дека сѐ уште постои сериозен недостиг на политичка волја за вклучување на жените во политичкиот живот“,

вели Јовановска од „Хелсиншкиот комитет“.