Потребно е унапредување на правната заштита и институционалната поддршка за жртвите на родово базирано и семејно насилство

јуни 30, 2025

Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 30 јуни, 2025 година во Скопје го презентираше  „Извештајот за обезбедена бесплатна правна помош на жртви на родово базирано и семејно насилство“, кој беше подготвен во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија – Фаза II“, поддржан од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада во  Скопје.

Овој извештај  што го подготви Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет, го опфаќа периодот од јули 2024 до март 2025 година и ги прикажува резултатите од обезбедената правна и параправна помош на  вкупно 383 жени, вклучително и случаи каде што беа ангажирани адвокати за судско застапување на жртвите.

На настанот, Тона Карева Талеска и Александра Трајановска, правни советнички во Хелсиншкиот комитет ги презентираа клучните согледувања и препораки што произлегуваат од теренската работа на Хелсиншкиот комитет, вклучително и наодите од форумите со жени во сите региони на земјата, каде беа идентификувани клучните системски бариери за пристап до правда и поддршка.

Присутните претставници од МВР, од другите надлежни институции и од граѓанските организации учествуваа во дискусијата за резултатите од извештајот од која произлезе дека е потрбно понатамошно унапредување на правната заштита и институционалната поддршка за жртвите на родово базирано и семејно насилство во која поактивно треба да се вклучат сите релевантни чинители.