Извештај за обезбедена бесплатна правна помош на жртви на родово базирано и семејно насилство

јули 1, 2025

Извештајот е дел од проектот на “Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија – Фаза II”, имплементиран од Фондот за население на Обединетите нации УНФПА и поддржан од Британската амбасада.

Проектот има за цел да ги зголеми напорите на државните институции и организациите на граѓанското општество за ефикасно спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство на национално и локално ниво. Со поддршка на сеопфатни услуги за родово базирано насилство, проектот ќе придонесе мерките за превенција и заштита да бидат достапни низ целата земја.

Во јули 2024 година Хелсиншкиот комитет започна со спроведување на проектот „Поддршка на НВО за обезбедување правна помош на жртви на РБН и одржливи сервиси за мобилизирање локална поддршка” поддржан од страна на Фондот за население на Обединетите нации. Главната цел на соработката е да се поддржи граѓанската организација да има одржливост и да обезбеди долгорочни услуги за преживеаните и жртвите на родово базирано насилство. Секој придонес што го добива Комитетот, го вложува директно кон сервисот за бесплатна правна помош, осигурувајќи дека дадената поддршка има опипливо и трајно влијание.

Одржливото финансирање е од клучно значење не само за одговор на непосредните потреби, туку и за изградба на систем и сервис на бесплатна правна помош кој непречено и целисходно ќе ги штити правата и достоинството на граѓаните.

Оттаму, овој извештај ги претставува податоците за обезбедената правна и параправна помош на жртви на родово базирано и семејно насилство, како и мониторингот на судски случаи поврзани со родово базирано и семејно насилство, во периодот од јули 2024 година до март 2025 година.

Дополнително, накратко ќе бидат презентирани заклучоците од форумите со жени во сите
региони на државата надвор од Скопје.