април 20, 2017

Попречен јавниот собир на лицата со посебни потреби, полицијата без никаква реакција

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува силна поддршка на лицата со посебни потреби и преку свој претставник присуствуваше и го мониторираше денешниот собир под мотото “Обединети за децата и возрасните со посебни потреби”. Оваа иницијатива е покрената од страна на здружението “Сплотени срца” и има за цел да ја подигне свеста и да помогне гласот на децата и возрасните со посебни потреби да биде конечно слушнат. Иницијативата е најмногу насочена кон политичарите без разлика на нивната партиска припадност, со апел сите политичари да се обединат околу решавањето на овој исклучително важен и горлив проблем на лицата со посебни потреби и нивните семејства. Родителите на децата со посебни потреби најавија мирен собир кој ќе вклучува поставување на шатори пред Собранието на Република Македонија, а ќе ја посетат и Владата на Република Македонија и Амбасадите во Скопје во следните три дена.

Со известување за организирање јавен мирен собир, организаторите информираа дека уредно и навремено го пријавиле собирот во Министерството за внатрешни работи ПС Центар. Меѓутоа во текот на собирот собраните беа посетени од лица претставници на Град Скопје, кои почнаа да ги отстрануваат поставените банери на споменикот спроти Собранието со образложение дека организаторите не прибавиле дозвола од Град Скопје за поставување банери на спомениците. Бидејќи никој од присутните не бил информиран дека потребна е таква дозвола, одговорот беше дека веднаш ќе ја прибават бараната дозвола бидејќи не сакаат никакви проблеми. Додека сите присутни на протестот разговараа со претставниците на Град Скопје, од некаде се појави непознато лице и започна насилно да ги отстранува поставените шатори спроти Собранието во паркот Жена борец. Лицето беше спречено од присутните и од него беше побарано да се легитимира и да даде образложение зошто насилно ги отстранува шаторите. На ваквите барања лицето ниту се легитимираше, ниту даде образложение и само изјави дека шаторите мора да ги отстранат самите луѓе или тој самиот ќе ги отстрани, по што по кратка расправија си замина. Иако во близина имаше распоредено службени лица на полицијата, ниту еден претставник не дојде на повикот од присутните на собирот.

Ваквото постапување потенцираме дека е обид за Спречување или смеќавање на јавен собир, кое дело е предвидено за казниво со член 155 од Кривичниот законик на Република Македонија. Апелираме до Министерството за внатрешни работи да преземе итни мерки за заштита на лицата кои и во следните два дена ќе присуствуваат на овој собир, кој потенцираме дека е за децата и возрасните со посебни потреби. Апсурдни се сите обиди да се попречат овие лица во нивното јавно изразување на незадоволството и проблемите со кои секојдневно се соочуваат, а неопходна е нивна заштита и дури и најмала поддршка.