Подобра иднина преку квалитетно образование за секое дете

ноември 20, 2020

На овој ден, кога се промовира свесноста за детските права и благосостојбата на децата, во 1959 Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето, а триесет години подоцна и Конвенцијата за правата на детето.

Одбележувајќи го овој ден во 2020 година, неизбежно е да се нагласат негативните влијанија врз децата предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Покрај бројните здравствени и економски предизвици со кои се соочувааат семејствата, во нашата земја голем број деца останаа лишени од правото на образование. Замената на редовната настава со алтернативни начини на спроведување на образовниот процес, остави многу ученици надвор од процесот. Ова особено се однесува на децата од сиромашни семејства кои немаат пристап до интернет и до техничка опрема, како и на децата со попреченост, за кои ОН уште на почетокот на кризата процени дека ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина. Исклучувањето на овие деца од процесот на образование за време на пандемијата преставува сериозна закана за нивното понатамошно повторно вклучување во образованието, како и проширување на дигиталниот јаз, што на долг рок може да предизвика значајни последици на нивното учество на пазарот на труд.

Дополнително, учениците кои се вратија во училишните клупи со започнувањето на новата учебна година се соочија со нови предизвици, помеѓу кои беа и стравот од заразувањето со вирусот, одржување на физичка дистанца со другарчињата и носење на заштитна опрема.

Ако Светскиот ден на детето го гледаме низ призмата на образованието, инвестирањето во нашата иднина пред се значи обезбедување на инклузивно и квалитетно образование за сите ученици низ државата, што подразбира подобрување на просторните и хигиенските услови во образовните институции, обезбедување квалитетни учебници и наставни помагала, како и модернизација на целиот наставен процес.

 

2