Платформата за борба против корупција и Блупринт групата не номинираа членови во Комисијата за спроведување избори за Судскиот совет

јуни 23, 2023

Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството, Ве известуваaт дека не номинираа предлог член и негов заменик на Комисијата за спроведување на избори за членови на Судскиот совет од редот на судиите, а по основ на распишаниот јавен повик согласно член 14 од Законот за Судски совет на РСМ.

Во изминатиот период, Блупринт групата и Платформата, побараа оставки од сите членови на
Советот. Причината беше несоодветното и незаконско постапување на Судскиот совет, во
претходниот период, со што ја загуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе го унапреди угледот на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите.

Граѓанските организации ценат дека поднесените оставки на двајца членови не се доволни за да го вратат загубениот легитимитет, а изборот на двајца нови членови на Судскиот совет нема да ја смениперцепцијата за досегашното постапување на овој состав на Судскиот совет и со тоа нема да гиисполнат во целост нашите очекувања.

Граѓанските организации остануваат на ставот дека единствен начин за надминување на состојбите предизвикани со незаконското работење на Судскиот совет е доколку и останатите членови поднесат оставки и доколку се иницира унапредување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста во процесот за избор на нови членови на Советот. Ова е потребно со цел да се врати легитимитетот и интегритетот на Судскиот совет како тело кон судиите, а уште повеќе кон граѓаните.