Платформа за родова еднаквост: МВР ги повлече измените на Законот за полиција кои ги изложуваа на ризик жртвите на семејно насилство
март 4, 2025

По реакцијата на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација, Министерството за внатрешни работи се откажа од измените на членовите 31 и 31а од Законот за полицијата, кои се однесуваат на одземањето на службеното оружје и упатување на полицискиот службеник на психолошки и психијатриски преглед кога тој ќе изврши семејно насилство.
Планираните измени се косеа не само со Истанбулската конвенција, туку и со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, затоа што со него се предвидени привремени мерки кои, меѓу другото, вклучуваат и одземање на огненото оружје кога сторителот поседува огнено оружје.
По реакцијата на граѓанските организации, Министерството за внатрешни работи го извести следново:
„Министерството за внатрешни работи направи една дополнителна анализа и проценка на предложените решенија и, следствено, во постоечката работна верзија на предлог-законот веќе не се предвидува никаква интервенција (ревизија или бришење) во наведениот член, односно постојните решенија во Законот за полицијата кои се во сила во тој дел остануваат непроменети“.
Ја поздравуваме одлуката на Министерството за внатрешни работи и бараме во иднина институциите да постапуваат во согласност со Истанбулската конвенција и националното законодавство кое е усогласено со конвенцијата, како и во насока на заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство