Осуда на дискриминаторската изјава на Митрополитот Петар
мај 7, 2013
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници„ најостро ја осудуваат изјавата на Митрополитот Петар, преку која повторно, во многу краток временски период, се повреди рамноправноста на жената и правото на избор да биде мајка и сопруга.
Веќе подолг временски период жената во Македонија се претставува единствено во улога на мајка и сопруга, што претставува повреда на рамноправноста и директна дискриминација врз жената по основ на пол и род. Сакаме да потенцираме дека ваквите повикувања за враќање на жената кон традиционално поставениот систем на вредности и нејзина општествена ексклузија, не претставуваат ништо друго освен деградација на вредноста на жената и потценување на нејзиниот придонес за општествениот напредок.
Имено, Митрополитот Петар како причина за зголемениот број разводи во 2012 година ги посочи жените, наведувајќи дека не сакале да прифатат дека главата во куќата е мажот и жените треба да бидат подвластени на мажот. Истиот изјави дека жените или ќе ја спасат или ќе ја уништат македонската нација и црквата зошто она што ќе се зачне во утробите на мајките треба да се роди ако сакаме да опстоиме како нација, народ, држава и како црква.
Со ваквата изјава се врши директна повреда на член 9 од Уставот на Република Македонија во кој е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, член 25 со кој се гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот на секој граѓанин, на неговото достоинство и угледот, член 41 во кој е утврдено правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, потоа на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, одредбите од Законот за еднакви можности на мажите и жените.
Со делот од изјавата, преку кој жената е претставена како единствен спасител на нацијата, народот, државата и црквата, се повредува и секуларноста на државата од црквата, односно се повредува и Амандманот VII на член 19 од Уставот на Република Македонија, во кој е утврдено дека црквите, верските заедници и други религиозни групи се одвоени од државата. Сведоци сме на активна популациона политика и кампања, спроведена од страна на државата, која добива отворена поддршка и од највисоките претставници на Македонската православна црква, со што целосно се повредува принципот на одвоеност на црквата од државата и државните политики и води кон наметнување на поврзаност меѓу традицијата, семејството и Бог. Жената постојано се поставува како објект преку кој ќе се остварат владините мерки за зголемување на наталитетот, без притоа да се почитува нејзината рамноправност во општетството и правото слободно да одлучува за создавање на деца.
Ваквите мизогинични изјави се спротивни на сите меѓународни механизми преку кои се гарантира рамноправноста на жената, нејзиното право на избор и репродуктивните права, посебно на одредбите од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жената, чиј потписник е и Република Македонија. Имено, во член 5 од Конвенцијата е предвидено дека државите ги преземаат сите погодни мерки заради измена на општествените и културните обичаи во поглед на однесувањето на мажите и жените, за да се отстранат предрасудите, како и вообичаената и секоја друга практика, заснована врз сфаќањето за инфериорноста или супериорноста на едниот или другиот пол или традиционалната улога на мажите, односно жените.
Поради повреда на основниот принцип на рамноправност на жената и правото на избор и слободно планирање на семејството, бараме Комисијата за заштита од дискриминација и правниот застапник при нееднаков третман на жените и мажите, како дел од Министерството за труд и социјална политика, да поведат постапка за утврдување на дискриминација врз основа на пол и род, сторена од страна на Митрополитот Петар.