мај 9, 2013

Дискриминација по основ на политичко уверување и припадност

Хелсиншкиот комитет за човекови права, следејќи ја состојбата со човековите права во Република Македонија, а посебно со дискриминацијата по сите основи, во пост изборниот период од локалните избори, забележа пријавување на многу случаи на наводна дискриминација поради политичка определба.

Имено, голем број на граѓани од различни општини известија за масовни отпуштања од работа по промената на локалната власт и градоначалниците. За голем број случаи известија медиумите, а дел од нив беа пријавени и во Комитетот.

Земајќи го предвид горенаведеното, со цел да се заштити уставно загарантираното право на политичка припадност, политичко уверување, еднаквост, правото на работа и сите останати права утврдени со Уставот, апелираме до новоизбраните градоначалници во сите општини во Република Македонија да го почитуваат принципот на еднаквост, односно недискриминација по било која основа, вклучително и политичката определба и припадност.

Дискриминацијата по основ на политичко уверување и припадност е забрането и со Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој жртвите на дискриминација може да бараат заштита од Комисијата за заштита од дискриминација или пак судска заштита.

Дополнително, ги повикуваме сите граѓани кои сметаат дека биле жртви на политичка дискриминација, да го пријават случајот во Хелсиншкиот комитет за човекови права.