декември 20, 2019

Остра осуда за обидите да се попречи правото на протест

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро ги осудува обидите да се попречи уставно загарантираното право на мирен протест на средношколците. Истовремено, известуваме дека Комитетот ќе поднесе претставка до Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат поради недозволивото однесување на директори на училишта, кои се обидоа со заплашување и закани да ги спречат учениците да излезат на денешниот Марш организиран од движењето Fridays for Future-Скопје и коалицијата Зелен фронт.

Покрај  неприкосновеноста на правото на протест, ја нагласуваме и потребата од промена во образовниот процес каде наместо да се добива демократска наобразба и охрабрување на учениците да ги практикуваат своите права, сведочиме на автократски пориви на лица кои се на раководни позиции во образованието.

На крај, последиците од загадувањето и климатските промени се проблем од кој се погодени сите граѓани. Затоа, протестите имаат голема важност во подигнувањето на свеста за потребата од сеопфатна акција и претставуваат легитимен притисок врз институциите за преземање покрупни чекори кон промена на горчливата состојба.