Основниот граѓански суд утврди дека Владата и ДИК ги дискриминирале лицата со попреченост

април 19, 2023

Основниот граѓански суд во Скопје со пресуда од 31 март 2023 година, утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата.

Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

  • пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;
  • пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;
  • пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

Дополнително, Основниот граѓански суд во Скопје ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Апелациониот суд Скопје на 16.12.2022 година ја укина пресудата со која беше утврдена дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас, и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Овој процес започна на 1 февруари 2021 година со поднесената тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis) од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ. Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во постапката се вклучија и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како пријател на судот (amicus curiae) и Коалиција Маргини како замешувач на страна на тужителот.