Одбележан Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза
јули 22, 2013
Денес во просториите на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во присуство на голем број новинари и сниматели, беше одбележан Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза. Настанот се состоеше од прес-конференција за медиуми и проекција на краткометражен филм од неколкуте напади над ЛГБТИ Центарот за поддршка, подружница на Хелсиншкиот комитет.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, истакна дека и по еден месец од последниот напад на ЛГБТИ Центарот, од страна на МВР се уште не се идентификувани сторителите и покрај тоа што за нападот постојат видео снимки. Пировска извести за поднесената претставка до Секторот за внатрешна контрола при МВР за дел од полицјаците кои не беа на висината на својата работна задача во времето кога требаше да го спречат нападот. Стана збор и за неодамнешните пресуди со кои на затворски и условни казни беа осудени неколку членови на толпата која вршеше кривични дела за време на протестите од 2 март 2013 година.
Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка истакна дека говорот на омраза кој е се поприсутен во нашето општество е еден од главните причинители за злосторства од омраза. Тој потсети дека во Република Македонија говорот на омраза е присутен дури и во некои државни органи и институции, феномен кој на насилниците им дава алиби за своите напади. Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет го презентираше порталот www.zlostorstvaodomraza.com и истакна дека најголемиот број на злосторства се сторени поради верска или етничка припадност, а како сторители се јавуваат подеднакво и Албанците и Македонците. На крајот беше презентирано следново видео: