Обуки за родова еднаквост за претставнички на спортски федерации

ноември 11, 2021

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска започна со обуки за родова еднаквост на кои учествуваат претставнички на спортски федерации. Ова е првата активност по потпишувањето на Меморандум за соработка со Олимпискиот комитет на Северна Македонија за унапредување на родовата еднаквост во спортот и превенција и заштита од родово базирано насилство во спортскиот сектор. Обуките ги спроведуваат Бојана Јовановска, Наташа Петковска и Ина Џугуманова, преку три модули: родова (не)еднаквост, дискриминација на жени и родово базирано насилство.

 

Во своето воведно обраќање на настанот, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека жените во спортот се соочуваат со големи предизвици, бидејќи на спортот најчесто се гледа како на ексклузивна професија за мажите. Работата со жените во спортот е важна за да се развие нивниот сенс да препознаат повреда на нивното право, да знаат каде можат да се обратат и како да се заштитат. ,,Тоа е борба која трае во континуитет. И покрај тоа што општеството оди напред, ние се уште се соочуваме со еден тврд и закоравен став на машката популација, особено на оние кои што имаат некаква висока позиција во однос на жените. Жените сѐ уште кај нас се помалку платени, жените сѐ уште се во најголем процент жртви на семејно насилство, а женската експлоатација и дискриминација е сѐ уште многу поголема од онаа со којашто се соочуваат  мажите. Таа борба мора да произлезе од вас. Вие сте тие кои што треба да се наметнете и да покажете и докажете дека можете, дека не се плашите и дека нема никој да ве поколеба во таа борба.’’- истакна Пировска.

Советничката за спорт на премиерот, Силвија Митевска изјави: ,,Многу се радувам што имаме едно интересно партнерство меѓу Олимпискиот комитет и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Заедно со нив, со нивната експертиза, сакаме да направиме една суштинска промена во спортскиот сектор. Тоа вклучува градење на капацитети на спортски и национални федерации. Токму затоа изготвени се сет на обуки за различен профил на спортистки и спортски работнички.’’ Митевска посочи дека на денешните обуки се вклучени претставнички од кошаркарска, боречката, спортско-стрелачката, тениската и карате федерацијата, кои ќе бидат пример како се креираат родовите политики во самите структури, а понатаму ќе се продолжи со градење капацитети и во останатите федерации.

На настанот се обрати и претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димовски, кој истакна дека во земјава веќе има две претседателки на национални спортски федерации, во лизгачки спортови и во атлетика. Димовски ја упати следнава порака до присутните претставнички на федерациите: ,,Сѐ зависи од вас, колку ќе бидете спремни, колку ќе бидете настојчиви и навистина со квалитет, не да се натпреварувате, туку да покажете дека вие сте тие кои што треба да водите. Ние сме сепак традиционално општество и затоа се и овие обуки, прво да ве охрабриме, а понатаму да ви дадеме алатки и насока како да стигнете до вашата цел. Благодарни сме што една реномирана организација како Хелсиншкиот комитет интензивно ќе ни помага’’.

Заедничките активности на двете организации на полето на родовата еднаквост ќе продолжат и во иднина.  Следна важна цел на воспоставената соработка е  изработка на правилник за безбеден спорт.