Несоодветната квалификација не ја отсликува суштината на фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство
Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост за квалификацијата на фемицидот што се случи во Неготино во август оваа година и за текот на истрагата што ја водеше Основното јавно обвинителство Кавадарци. Според информациите од полномошниците на оштетените, ОЈО Кавадарци против сторителот отвори предмет за кривичното дело Тешка телесна повреда при вршење семејно насилство по чл.131 ст.4 в.в ст.2 в.в ст.1 од Кривичниот законик. На 27 октомври 2022 година, ОЈО Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор и предлог за определување мерка за безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Ова значи дека за кривичното дело кое му се става на товар, на сторителот може да му се изрече казна затвор од една до пет години.
Сметаме дека ваквото квалификување на делото е несоодветно имајќи предвид дека станува збор за убиство на жена при вршење семејно насилство, за кое со Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор. Во оваа насока, посочуваме дека вака поставената квалификација единствено би овозможила изрекување полесна санкција и нема да ги оствари целите на казнувањето ниту пак, ја отсликува суштината на фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство. Фемицидот е една од најчестите причини за прерана смрт кај жените, а во најголем број случаи е предизвикан од лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како во случајот на жената од Неготино што почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепа.
Дотолку повеќе, проблематично е и водењето на целата истражна постапка од страна на ОЈО Кавадарци. Во духот на Истанбулската конвенција, а и во согласност со нашето законодавство, јавното обвинителство било должно да го примени принципот на должно внимание. Сепак, од увидот во списите на предметот полномошниците на оштетените забележувааат дека целиот предмет се состоел само од фотографии од местото на настанот, вештачење за психичката состојба на обвинетиот и вештачења за крвта и отпечатоците пронајдени во станот. Поради присуство на алкохол во крвта на обвинетиот, вештото лице сметало дека во моментот на сторување на делото тој бил со битно намалена пресметливост. Во однос на намерата дали сакал да ја убие жртвата, Обвинителството се водело само од исказот на обвинетиот кој кажал дека само сакал да ја истепа. Поставениот обвинителен акт оддава впечаток дека јавното обвинителство не смета дека стореното дело е убиство како најтешка форма на семејно насилство.
И овој случај нѐ остави со горливото сознание дека сите напори за справување со овој проблем се недоволни ако не се придружени со соодветно институционално постапување. Ваквото постапување во случаи на семејно насилство само дополнително го зголемува и онака високиот степен на недоверба во надлежните институции, вклучително и правосудството. Сето ова значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството, што пак директно ја зголемува веројатноста насилството да кулминира со убиство.
Согласно член 338 ст.3 од Законот за кривичната постапка советот за оцена на обвинителниот акт не е врзан за правната квалификација на делото која ја навел јавниот обвинител. Оттука, бараме советот при донесување на решението за одобрување на обвинителниот акт да го преквалификува делото во Убиство од член 123 ст.2. т.2, за кое е предвидено дека со затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој што друг ќе лиши од живот при вршење на семејно насилство.
Од понатамошното постапување на правосудните органи несомнено ќе зависи и понатамошното охрабрување на жртвите за пријавување на насилството врз жените и семејното насилство, а истовремено ќе го одрази и нивото на општествена свест за родово базираното насилство и фемицидот како негова најтешка форма.