мај 5, 2020

(Не)одговорноста на институциите за најранливите граѓани во услови на криза

Реакција на граѓанските организации за ненавременото и несоодветното постапување на институциите при решавањето на проблемите на ранливите и маргинализирани заедници

КОВИД-19 не одбира кого ќе зарази, не дискриминира, но последиците – здравствени, социјални и економски – не се исти за сите. Не се исти можностите за спроведување на превентивните мерки за заштита од зараза, одржување на хигиената, физичката оддалеченост и самоизолација доколку има потреба. Ранливите и маргинализирани групи граѓани немаат еднакви можности да се заштитат ниту да ги задоволат основните потреби за храна, лекови, хигиена и засолниште.

Од самиот почеток, по прогласувањето на вонредната состојба, граѓанските активисти први и засега единствени, излегоа на терен во ромските населби на територијата на целата земја. Тие немаа време за сопствените стравови од заразата, од првиот ден на кризата се на првата линија помагачи во постојана комуникација со граѓаните. Направија проценка на потребите за здравствена заштита, го следат остварувањето на редовните услуги за социјална заштита, секојдневно се обидуваат да ги протолкуваат новите, вонредни мерки, да го најдат патот како овие мерки ќе се реализираат во праксата.

Заврши април, вториот месец од вонредната состојба, и не само што нема одговор за дополнителни мерки за превенција туку, не функционираат ни веќе донесените превентивни мерки, ниту редовниот систем на социјална заштита и реализација на социјални услуги. На терен, во Центрите за социјална работа, вработените се недостапни или отсутни од работните места, а некаде дури и грубо ги разбркуваат луѓето кои им се обраќаат за она што им следува.

Барања, со многу конкретни и прецизни мерки кои е неопходно брзо да се применат за да се заштитат и помогнат ранливите групи граѓани, се испратени до сите надлежните институции во РСМ – од премиерот, Владата, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, градоначалниците и до главниот и локалните кризни координативни штабови.

Тие, или не одговорија или се изјаснија за ненадлежни, или на писмено, „изрецитираа“ што е напишано во законите и уредбите со законска сила. Линк до барањата и одговорите од институциите: https://bit.ly/2yul1Ov

Во меѓувреме, гледаме слики и соопштенија од премиерот и други претставници од власта како промовираат добиени донации во храна, хигиена, заштитна опрема. Секако, добредојдена е секаква помош и поддршка, но сакаме да видиме што прави државата, со каква стратегија (доколку ја има) ќе го олесни овој период, но и како планира да го подобри понатамошното живеење на ранливите групи граѓани. Донесените мерки не се доволни ниту за справување со здравствената и социјална криза, ниту за претстојната економска криза каде што, мерки за овие групи граѓани, воопшто не се предвидени.

Почитувани пријатели од институциите, ве повикуваме – наместо продолжување на маргинализацијата и продлабочување на структурните разлики, да ја искористите кризата како можност за промена, можност за создавање на новата нормалност во која ќе креирате политики за надминување на структурните разлики кои се причината за нееднаквоста и сериозно ќе пристапите кон обмислување на мерки за реструктурирање на ресурсите и нивна правична распределба. За таа цел, граѓанските организации активни во оваа област имаат капацитети, знаења и искуство и во секое време се подготвени да земат активно учество во заедничко креирање на новата реалност.

 

Со почит,

Асоцијација за демократски иницијативи, Гостивар; Асоцијација за демократски развој на Ромите СОНЦЕ, Тетово; Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА; Глас против насилство – Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство; ЕХО Едукативно-хуманитарна организација, Штип; Здружение Доверба, Куманово; Здружение Достоинствен работник, Прилеп; Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ; Здружение за заштита на правата на детето; Здружение за локален развој АКЦИЈА ПЛУС, Ресен; Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ; Здружение за поддршка на маргинализирани работници Стар-Стар; Здружение за правата на Ромите, Штип; Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т., Прилеп; Здружение за развој и унапредување на ромската заедница РОМАНО ЧАЧИПЕ; Здружение за рурален развој Локална акциона група Агро Лидер, Кривогаштани; Здружение ИНКА, Струга; Здружение Мултикултура; Здружение на граѓани ЉУБЕЗНОСТ; Здружение на правници Роми – Скопје; Здружение на просветни работници и заштита на правата на жени и деца Роми ЛИЛ; Здружение Ромски информативен деловен центар на Македонија – ЗРИДЦМ; Здружение Форум – Центар за стратешки истражувања и документација; Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје; Здружение Центар за едукација и тренинзи АКТИВ ЛАЈФ, Тетово; ИЗБОР, Струмица; Иницијатива за економски развој на Ромите; Иницијатива на жени од Шуто Оризари; Институт за демократија Социетас цивилис – Скопје; ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците; Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ; Коалиција Сите за правично судење; Концепт плус; Македонско здружение на млади правници; Медиа Плус, Штип; Младинска Алијанса, Тетово; Младински културен центар, Битола; Мрежа за заштита од дискриминација; Национален ромски центар, Куманово; НВО КХАМ, Делчево; ПРОФИЦИО – мултиетничка толеранција преку економски просперитет; Реактор – Истражување во акција; Рурална коалиција, Куманово; РТЗ Хајат НВО Струмица; Сојуз на здруженија за рурален развој Мрежа на локални акциони групи, Кривогаштани; Транспаренси Интернешнл – Македонија; Фондација ИДЕА Југоисточна Европа; Фондација Отворено општество – Македонија; Фондација ЦЕЕД Македонија; Хелсиншки комитет за човекови права; Хуманитарно доброчинително здружение СВЕТА МАЈКА ТЕРЕЗА, Куманово; Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија; Центар за современи уметности.

 

Документи