мај 6, 2020

Трудот и потта се наши, парите и капиталот се на 900 луѓе во државава

Вилдан Дрпљанин.

Здравствената криза предизвикана од коронавирусот е најдобар показател за вредноста и значењето на работниците во едно општество. Кога тие не можат да ја извршуваат својата работа, се уништуваат или се доведуваат на работ на пропаст цели индустрии. Време е тоа да им стане јасно на сите, а пред сè на работниците и заедно да застанеме во одбрана на работничките права.

Од вкупно 100 денари, приближно 80 денари одат за околу 900 луѓе, а само 20 денари остануваат за приближно 899.100 луѓе – накратко и грубо сумирано, ова може да се изведе како заклучок од Студијата за нееднаквостите во Македонија. Македонското општество и речиси сите ние сме релативно сиромашни, додека мал број на луѓе, поточно околу 900, се многу, многу богати. Ова неизбежно се чувствува во секојдневното живеење, а е потврдено и во студијата, објавена од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) на 22.04.2020 година. Имајќи предвид дека просечниот македонски работник како надоместок за неговиот труд задржува само околу 35 отсто од вкупната вредност што ја генерира, односно за него остануваат 400 од 1130-те евра што ги произвел, јасно е дека постои поврзаност помеѓу економските нееднаквости и вреднувањето на трудот во општеството. Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата и да се направи краток осврт во врска со тоа што може и што треба да се направи.

Меѓународниот ден на трудот и вековната борба за промени

Први мај ја симболизира борбата за заштита и унапредување на работничките права и се одбележува во знак на почит кон жртвите и повредените во крвавиот штрајк од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Покрај тоа што движења за подобри работни услови постоеле и пред тоа, како она на австралиските работници во 1856 година кога организирале целосен прекин на работата во прилог на осумчасовно работно време, чикашкиот штрајк бил одлучувачки настан за Втората интернационала да го прогласи Први мај за меѓународен ден на трудот.

Целта на барањата на работниците низ текот на годините нормативно се остварила и, барем на хартија, најголем дел од државите денес предвидуваат осумчасовен работен ден. Сепак, за многу работници ширум светот и по 134 години, 40-часовната работна недела и слободниот викенд сè уште претставуваат недостижни основни услови за достоинствено живеење. Ова важи и за голем дел од вработените во Македонија кои секојдневно се соочуваат и со низа прекршувања на нивните работнички права, кои според нашиот Устав се сметаат за човекови права. Поради овие причини, денес Први мај останува еднакво значаен како првиот пат кога бил одбележан и работниците продолжуваат да го користат како платформа за барања подобри работни услови и поголема вклученост во одлучувањето за судбината, правата и обврските на работниците.Извор: meta.mk

Вработените беа први на удар и по прогласувањето на мерките и вонредната состојба со цел справување со последиците од коронавирусот, како во светот, така и во Македонија. Многу од нив останаа без работа, им беа драстично намалени платите или, пак, воопшто не примаат плати уште од почетокот на здравствената криза. Со оглед на тоа што најголем дел од македонските работници живеат исклучиво од месечните плати, останувањето без овие средства значи директен ризик по нивната гола егзистенција во непредвидливи и тешки времиња.

И без криза, македонските работници не заработуваат, туку преживуваат

Македонија, како држава со една од најниските просечни плати во Европа од 27.206 денари и минимална плата од 14.934 денари, почнувајќи од април 2020 година, ниту на прв поглед не наликува на рај за работници. Уште помалку ако се има предвид дека најголем дел од луѓето работат за плата пониска од просечната и ако се знае дека има работници што примаат плата под минималната. Причината за првото е тоа што најчестата плата е значително пониска од просечните 27 206 денари, додека второто се должи на фактот што многу работници немаат регулиран работен однос или се принудени дел од парите да му ги вратат на работодавачот откако ќе легнат на нивната сметка. Од друга страна, последните достапни податоци од Евростат покажуваат дека работниците во Македонија произведуваат во просек околу 1130 евра месечно. Од тоа, за нив се околу 400 евра или 35 отсто, далеку под европскиот просек кој се движи од 47 до 52 отсто, приближно 140 евра одат за даноци, а речиси 590 евра одат на сметките на сопствениците на фирмите во вид на добивка. Кога ќе се искомбинираат овие просечни бројки со нееднаквостите во однос на доходот на македонското население, станува очигледно дека системот секојдневно ги прави најбогатите уште побогати, додека доходот на сите останати стагнира или дополнително се намалува.

Trudot i potta se nasi parite i kapitalot se na 900 luge vo drzavava 2
Извор: Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), студија за нееднаквостите во Македонија

Најбогатите се всушност само 0,1 отсто од целото население и нивната вкупна бројка во Македонија е околу 900 луѓе. Сепак, нивниот просечен доход опфаќа повеќе од две третини од парите, додека доходот на преостанатите 99,9 отсто од населението вкупно е помал од една третина. Тоа значи дека од вкупно 100 денари, приближно 80 денари одат за околу 900 луѓе, а само 20 денари остануваат за приближно 899.100 луѓе. Најбогатите 900 луѓе во Македонија драстично се збогатуваат многу години наназад, а особено од 2006 година, што се поклопува со експанзијата на странски фабрики во земјата и експлозијата на политички криминал и економски злоупотреби. Се чини дека сето ова произлегува како неизбежна последица и просто заокружување на повеќедеценискиот процес на понижување на работниците и целосното газење по нивното достоинство.

Што да се прави?

Здравствената криза предизвикана од коронавирусот е најдобар показател за вредноста и значењето на работниците во едно општество. Кога тие не можат да ја извршуваат својата работа, се уништуваат или се доведуваат на работ на пропаст цели индустрии. Време е тоа да им стане јасно на сите, а пред сè на работниците и заедно да застанеме во одбрана на работничките права. Токму затоа, мораме да се организираме и да ја надминеме синдикалната разединетост во најбрз можен рок за да ги решиме своите разлики и да си овозможиме соодветно претставување и застапување. Сè додека нашите барања за Први мај се расцепкани на повеќе посебни протестни маршови, како што беше случај изминативе години, само ја влошуваме нашата преговарачка позиција, а работничкото организирање останува формалност на сметка на суштинските потреби и проблеми.

Македонските работнички и работници се изморени луѓе кои најголемиот дел од својот живот го поминуваат на работното место, често работејќи 7 дена во неделата со еден ден одмор секоја втора сабота или недела, за минимална или плата под минималната, без надоместок за прекувремената работа. Нивните неотуѓиви човекови права, чувства, животни приказни и достоинства започнуваат и завршуваат на работното место каде шефовите кројат посебни закони, определуваат годишен одмор од најмногу 10 дена и ги принудуваат да потпишуваат бланко спогодби. Крајно време е сите да застанеме во одбрана на работничките права и на долг рок да ги обезбедиме барањата стари повеќе од еден век – достоинствен живот за сите, регулирање на работното време и прекувремената работа, социјална и здравствена сигурност. Да почнеме уште од денес, со тоа што веднаш ќе побараме мораториум за откази и намалување на платите и задолжителен паричен надоместок за сите работници кои останале без работа додека трае вонредната состојба.