Нема неправилности во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле
април 12, 2022
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници на 7 април 2022 година спроведоа ненајавена посета на ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле, Скопје. Посетата беше спроведена поради известување во јавноста од страна на вработена во Заводот, која информираше дека постојат низа неправилности во работењето на установата, несоодветна грижа на корисниците како и несоодветни услови за работа на вработените.
Имено, јавноста беше информирана дека на корисниците им е забранет влез во сите простории на установата. Просториите за активности на корисниците се ‘узурпирани’ од страна на вработените, поради што тие немаат никаква просторија за престој. Понатаму, во известувањето беше наведено дека корисниците немаат пристап до тоалетите, поради што своите физиолошки потреби се принудени да ги извршуваат во трпезаријата, која е единствен простор во кој корисниците можат да го поминуваат своето време.
За време на посетата, претставници од Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници ги посетија просториите во кои корисниците го поминуваат своето време и спроведоа разговор со директорот на установата и останатите вработени. Од посетата, беше забележано дека во дел од просториите, во кои корисниците имаат индивидуални и групни активности, се направени значителни реконструкции со што се задоволуваат потребните услови. Просториите беа уредни и со задоволително ниво на хигиена. Корисниците имаат пристап до тоалетите, а во моментот на посетата само еден корисник беше присутен во трпезаријата.
Во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци има вкупно 29 интернатски корисници и 30 корисници кои ги користат услугите на дневниот центар. Вкупно вработени лица во установата има 54, иако според најновиот акт на систематизација се предвидени 85 вработувања. Дефицит на кадар има и тоа за: психолог, правник, хаусмајстор итн.
Директорот на установата го информираше тимот дека корисниците своето време го поминуваат во работниот центар каде може да се занимаат со столарство, во делот за дневен престој, како и во делот од установата кој е реконструиран и каде тие може да имаат различни активности со вработените во установата. За изнесените наводи на вработената дека таа и корисниците биле прскани со отровни средства, директорот на установата појасни дека станувало збор за акција на дезинсекција на установата, поради што сите вработени и корисници биле принудени да ги напуштат просториите.
При крајот на месец мај, се очекува да бидат отворени и две станбени единици во кои би биле преместени околу 10 корисници.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници и во иднина ќе продолжат да спроведуваат посети во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци, со цел заштита на правата и потребите на корисниците во оваа установа.
*фото МТСП