Меѓународeн ден за елиминирање на расната дискриминација
март 21, 2019
Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации (ООН) во 1966 година го прогласи 21 март како меѓународен ден за елиминирање на расната дискриминација. На тој ден во 1960 година, полицијата во Шарпвил, Јужна Африка убила 69 луѓе на мирен протест за укинување на сегрегацијата и против апартхејдот како официјална политика.
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Мишел Бачелет, во нејзиното обраќање по повод одбележувањето на денешниот ден, уште еднаш, нагласи дека сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Сите ние можеме да придонесеме кон развојот и добросостојбата на општеството. Меѓународниот ден за елиминирање на расната дискриминација е можност за сите нас да повториме дека секој ден во годината ќе се бориме да ставиме крај на расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и нетолеранцијата. Денес, во многу делови од светот, сведоци сме на пораст на движења засновани на идеи за расна супериорност кои ги демонизираат мигрантите и малцинствата. Ваквиот национализам ги зајакнува поделбите, поттикнува насилство и го прави општеството помалку безбедно. Можеш да се грижиш за својата земја и сепак да се грижиш за светот. Можеш да се грижиш за својата заедница и за своето семејство, а истовремено да ја почитуваш различноста на другите.
Со жалење констатираме дека, во нашата држава, расната дискриминација е директно или индиректно насочена кон граѓаните припадници на ромската заедница. Комитетот веќе подолго време прибира податоци и разгледува барања од страна на граѓани, припадници на ромската заедница за нивно етикетирање, таргетирање и нееднакво третирање. Ромите како ранлива група, многу често се жртви на повеќекратна дискриминација и имаат ограничен пристап до социјални, здравствени и образовни услуги.
Уште еднаш, ја потенцираме нашата заложба и посветеноста во борбата против нееднаквиот статус и третман во Република Северна Македонија, насочени кон потполна елиминација на расната дискриминација и ги повикуваме сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирани по која било основа, тоа да го пријават во Хелсиншкиот комитет.