Меѓународен ден на толеранција: Сите сме различни, различноста е богатство, а не причина за раздор
Меѓународниот ден на толеранцијата се одбележува секоја година на 16 ноември за да се зајакне и подигне јавната свест за толеранцијата, почитта и разбирањето меѓу луѓето од различните потекла и култури. Тоа е ден за реафирмирање на принципите на човековите права и еднаквоста и за поттикнување на слободоумноста, емпатијата и сочувството меѓу заедниците.
Темата на годинешното одбележување е „Толеранција: пат до мир и помирување“. Таа ја нагласува клучната улога на толеранцијата во градењето мирни и инклузивни општества и потребата да се решат основните причини за нетолеранција, како што се предрасудите, дискриминацијата и стереотипите и да се промовира разбирањето, емпатијата и дијалогот.
Секојдневно сведочиме дека омразата и насилството се најсериозните последици предизвикани од нетолеранцијата. Дискриминацијата, говорот и делата од омраза, кои произлегуваат токму од нетолерантниот однос кон другите и различните, имаат исклучително негативно влијание врз почитувањето на човекови права и фундаменталмните слободи на граѓаните.
Затоа, секогаш и секаде мора да се повторува дека толеранцијата е клучен фактор за одржување на мирот и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе и праведно општество, а тоа особено се однесува на општествата кои се мултиетнички и мултикултурни.
Нашите општества сè уште не успеале да го истиснат политичкото профитирање од раздорот и општествената поларизација. Екстремниот национализам, расизмот, и дискриминацијата по разни основи жилаво опстојуваат и покрај свесноста за штетата и уназадувањето што тие го предизвикуваат. Омразата континуирано го разорува соживотот.
На Меѓународниот ден на толеранцијата, апелириме институциите и општеството во целина да работат на развој на толеранцијата, која е клучна за одржување на мирот, за економскиот напредок и социјалната правда. Потребно е сите чинители во Република Северна Македонија сериозно да се посветат на унапредување на механизмите на санкционирање на говорот од омраза и на насилството од омраза кои стануваат сè почеста појава во нашето општество.