април 8, 2020

Меѓународен ден на Ромите – Продолжува системската дискриминација врз Ромите во сите општествени сфери

Денеска, на Меѓународниот ден на Ромите, повторно забележуваме дека Ромите и понатаму се соочуваат со континуирани тешкотии во остварувањето на правата во речиси сите области на општественото дејствување. Нема промена и подобрување ниту во имплементирање на активностите од важечката Стратегија за Ромите, затоа што државата и понатаму не успева да обезбеди целосно и ефикасно спроведување на Стратегијата, која се наоѓа во последната година од својата важност.

Во изминатата година, кон Ромите беше регистрирана системска дискриминација, особено во непристапноста кон јавните услуги и добра, како што се на пример случаите на недозволување пристап на Ромите во пливачките базени. Ромите се соочуваат со нееднаков пристап и третман, а се уште постои дискриминација и во однос на здравствени услуги и здравствената заштита.

Продолжува и сегрегацијата на децата Роми во образованието. Во ноември 2019 година Хелсиншкиот комитет, заедно со уште четири организации од Мрежата за заштита на права на Ромите, достави поднесок до Специјалниот известувач за малцински прашања на Обединетите нации, во кој го информираше за три клучни проблеми околу употребата на ромскиот јазик во образованието. Трите точки остануваат еднакво релевантни и во овој момент, проблемот со недоволна промоција и информираност на учениците и родителите за можноста да се избере ромскиот јазик и култура како изборен предмет во основно образование, недостатокот на учебници по предметот ромски јазик и култура за 6 – 9 одделение и недостатокот на катедри по ромски јазик и професори по ромски јазик.

Дискриминацијата врз основа на етничка припадност, боја на кожа и маргинализирана група е длабоко вкоренета во општеството и државата не успева да преземе активни мерки за нејзино спречување. Вонредната состојба во која се наоѓаме поради пандемијата на КОВИД-19 дополнително ја загрозува ромската етничка заедница, чии припадници често се соочени со екстремна сиромаштија, супстандардни услови за живот и недостиг на адекватна здравствена заштита.

Во изјавата на Комесарот за човекови права на Советот на Европа се нагласува дека Ромите се меѓу најранливите групи во состојба на пандемија во многу места низ Европа, со оглед дека многумина немаат пристап до чиста вода и санитетски материјали, што оневозможува ефективна примена на препорачаните мерки за хигиена. Исто така, еден од ефектите на карантинот и изолацијата е губењето на дневниот извор на приходи, што го отежнува остварувањето и на основните егзистенцијални потреби.

Имајќи предвид дека последиците од вонредната состојба особено можат да ја погодат ромската заедница, како на социјален, така и на економски план, од институциите и Владата очекуваме специфични мерки за помош и солидарност со Ромската заедница.