Меѓународен ден на лица со попреченост: Иновации за инклузивен развој
Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел да се подигне свеста за правата на овие луѓе. Одбележувањето на Денот има за цел да промовира разбирање за прашањата на попреченост и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со попреченост. Годинава, темата на светско ниво е „Трансформативни решенија за инклузивен развој: улогата на иновациите во поттикнувањето на пристапен и правичен свет“. Таа опфаќа три различни интерактивни теми: иновации за инклузивен развој при вработување, станува збор за врските помеѓу вработувањето, знаењето и вештините потребни за пристап за сите до вработување во иновативниот технолошки пејзаж кој брзо се менува и како технологиите можат да ја зголемат пристапноста до вработување. Намалување на нееднаквоста: тука спаѓаат иновациите, практичните алатки и добрите практики за намалување на нееднаквостите и во јавниот и во приватниот сектор. Се истакнува спортот како сектор каде што сите овие аспекти се спојуваат, тој е пример за добра практика и место на иновации, вработување и правичност.
И оваа година сè уште сведочиме на дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери на секојдневниот живот. И покрај заложбите за креирање на инклузивно општество, сè уште голем дел од лицата со попреченост, но и нивните родители и другите кои се грижат за нив, се соочуваат со неразбирање од страна на своите соседи, непристапна инфраструктура, дискриминација во образовниот систем и на пазарот на труд и многу затворени врати на институциите.
Јавноста се згрози откако медиумите го објавија случајот на 11 – годишната Ембла Адеми од Гостивар, девојче со Даунов синдром кое мораше да учи само во училницата заради тоа што родителите на другите деца потпишале петиција таа да биде отстранета од наставата.
Сепак работите можат да се придвижат во позитивна насока. Оваа година, Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:
пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;
пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;
пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.
Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis).
Исто така, оваа година конечно започна работата за донесување на нова Национална стратегија за правата на лицата со попреченост за периодот 2023 -2030 година, во насока на остварување на правата наведени во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, која иако Македонија ја ратификуваше уште во 2011, се далеку од остварени.
Изработката на Стратегијата се одвива преку партиципативен и достапен процес со повеќе засегнати страни, во кој е вклучен и Хелсиншкиот комитет. Една од целите на стратегијата е создавање на инклузивно општество во кое лицата со попреченост ќе ги уживаат човековите права на еднаква основа и активно ќе учествуваат во политичкиот живот и во одлуките за креирање политики.