декември 2, 2022

Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство

Промените кои што се направени досега во Кривичниот законик за сексуалното насилство не се доволни. Сексуалните злосторства се најмалку пријавувани дела, според статистиката на Министерството за внатрешни работи, а ова се должи на тоа што нема подржувачка средина за да жените ги пријават делата, потоа виктимизацијата и стигмата од страна на околината и институциите се насочени кон обвинување на жртвите.  Од друга страна институциите како полицијата и обвинителството несоодветно постапуваат во случаите со сексуалното насилство, беше кажано на промоцијата на публикацијата „Како до ефикасна заштита во случаите на сексуално насилство“, што е објавена од Мрежата за заштита од дискриминација, во рамки на одбележувањето на меѓународната кампања 16 дена активизам против родово засновано насилство

„Единствениот начин за остварување правда е превенција и мотивирање на жртвите да пријават. Ниту една друга мерка што ќе ја преземеме како општество нема да биде успешна доколку  немаме санкционирани сторители и казнети со пропорционални кривични санкции“ рече Драгана Дрндаревска од Коалцијата „Маргини“.

Публикацијата е еден вид know how за тоа како треба да се спроведува Истанбулската конвенција и на каков начин треба да постапуваат практичарите при спроведување на законската регулатива, истакна Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права. „Македонија е мала земја, но за жал, со исклучително висок број фемициди и жртви на сексуално насилство. Во најголемиот број на случаи во кои што ние сме постапувале сме утврдиле дека најчесто до смрт на жената дошло поради несоодветно, ненавремено постапување на органите на прогонот и центрите за социјална работа. Истото се однесува и на жртвите од сексуално насилство каде се соочуваме со двојна виктимизација, повторно поради несодветното постапување на надлежните органи. И сега во 2022 година, кој беше потпишан во 2011, ратификуван во 2018 година, се’ уште не е соодветно аплициран во законодавството, но и во практиката. Голем чекор напред е што во процесот на измените во Кривичниот законик поинаку ќе се дефинира силувањето, но и ќе се воведат две нови кривични дела: демнење и сексуално вознемирување. Се’ уште останува непкриено сексуалното вознемирување на интернет што е сеприсутно за тоа еклатантен пример е случајот „Јавна соба“. Оваа публикација, осврнувајќи се на меѓународните стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права, ќе дадат одговори и на оние кои кај нас треба да ги носат законите, но и да ги спроведуваат како да го прават тоа за да не дојде до тоа жртвите да бидат двојно виктимизирани. Тоа е нашиот главен проблем и е причина поради која жените, во голем број случаи, не пријавуваат сексуално насилство.  Тоа значи не само недовербата во судскиот систем, туку недовербата и во Министерството за внатрешни работи и во центрите за социјална работа. Притоа за делото силување е многу важно доколку биде видоизменето и согласноста биде ставена за еден од клучните сегменти врз основа на кои ќе се докажува тоа дело. Тоа го докажа и случајот во Велес. Ме радува што се тргна неколку чекори напред кога станува збор за заштита на правата на жените и сепак останува понатаму доколку се донесат законските измени вака како што е планирано, праксата го отсликува законодавството. Тие што треба да го спроведуваат законот да го прават тоа доследно и одговорно. Се работи за жените, за нивниот живот, се работи за сите нас. Општество во кое жените се плашат да пријават сексуално насилство не може да се дефинира како демократско општество“, рече Пировска

Елена Димушевска, извршна директорка на Нацонална мрежа против насилство врз ќените и семејно насилство.  ги претстави резултатите од нивното истражување според кое нема доволно финансиски средства, нема доволно вработени во центрите каде се обраќаат жртвите, така што кооординаторките работат и втора и трета смена, нема лица за мултисекторско постапување со другите институции. „Оние што ние го бараме е во Кривичниот законик да се вметне зборот „доброволно“ во дефиницијата што претставува силување. За не дојде до слободно толкување од страна на обвинителите“, истакна таа.

„Ратификацијата на Истанбулстката конвенција се избегнуваше зашто таа ратификација предизвикува обврски за државата да ја имплементира во правниот систем и во општеството. Во овие неколку изминати години постои генерална политичка волја и општествена свест, за што големо влијание имаа граѓанските организации, и се направија неколку позитивни промени во законодавството. Овие измени во Кривичниот законик  треба да биде круната и да се заврши делот што се однесува на легислативата, а многу повеќе да работиме на она што значи вистинска импементација, кој што недостасува во тој синџир на непроврзани алки, што е препрека која оневозможува вистински третман во смисла на поддршка на жртвите на родово базирано насилство, но и работа со сторителите во смисла на превенција“, рече Снежана Калеска Ванчева, претседалка  на Зконодавно – правната комисија во Собранието на Република Северна Македонија.

Тона Карева, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права ја презентираше публикација и рече дека насилството врз жените е едно од најчестите прекршувања на човековите права, присутно во сите држави. Таа ја претстави компаративната анализа вклучена во публикацијата која опфаќа добри практики од три држави и различни случаи, и ги претстави различните форми на сексуално насилство, вклучувајќи ги сексуалното вознемирување, експлоатација, насилство, напад и силување.

Овој документ има за цел да ги анализира меѓународните правни стандарди за сексуално насилство за подобро разбирање на причините и последиците поради кое тоа најчесто се случува во ситуации каде отсуствува отпор од жртвата или не е потребна примена на сила и закана од страна на сторителот. Понатаму, преку компаративна анализа на правната пракса на ЕСЧП и Комитетот ЦЕДАВ, подобро ќе се разбере начинот на постапувањето на институциите во откривањето и казнувањето на случаите на сексуално насилство без дополнителна виктимизација на жртвата“, рече Карева.

Професорката Ангелина Станојоска од Правниот факултет од УКЛО ја нагласи потребата од образованието во превенцијата на сексуалните злосторства.