Маршот за толеранција 2019 со пораки за системски промени во образованието и прифаќање на различностите

ноември 16, 2019

,,Младите мора да бидат образовани без дискриминација, со свест дека живеат во општество со многу различности и дека тие различности треба да ги прифатат’’ – порача извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска на денешниот Марш по повод Меѓународниот ден на толеранцијата. Маршот, кој се одржува по единаесетти пат, годинава беше посветен на образованието и младите, односно на потребата од системска акција за искоренување на дискриминацијата и омразата од образовниот процес.

Теодора Милевска, претставничка на ХЕРА -Млади, зборуваше за важноста од воведување сеопфатно сексуално образование. Таа ја поздрави одлуката за воведување пилот програма за ССО од страна на Владата како чекор во позитивна насока, но порача дека програмата треба доследно да се имплементира. Теренската работа покажала дека сексуалното образование ја зајакнува самодовербата и сигурноста на младите луѓе, што води до намалување на тинејџерските бремености и абортуси, сексуалното насилство и сексуално преносливите болести.

Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини се осврна на дискриминаторските содржини во учебниците преку кои негативно се претставуваат многу заедници кои што живеат во земјата, како што се Ромите, ЛГБТИ луѓето, но исто така и родовите стереотипи за жените. ,,Она што го бараме од МОН не е само да ги препознае и избрише овие содржини, туку истите да ги замени со позитивно претставување на овие групи’’- рече Дрндаревска. Таа сподели и дел од алармантните податоци од истражувањето на Коалицијата за менталното и социјалното здравје на младите, поврзани со родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Претставниците на Националниот ромски центар упатија пораки за љубов и разбирање: ,,Потребна е итна политичка волја да ги вратиме вистинските вредности, во спротивно миграцијата ќе продолжи а насилството меѓу младите ќе стане секојдневие-  порача Ашмет Елезовски.

Маршот, организиран од Хелсиншкиот комитет и поддржан од  МОФ, ХЕРА, Коалиција Маргини, Националниот Ромски центар, Реактор, Националнот совет за родова рамноправност и Цивил, започна пред Музејот на Град Скопје, а заврши со обраќања на претставници на граѓански организации на платото во Старата скопска чаршија.