ноември 14, 2019

Марш за толеранција на различностите во образованието: Училниците се наш одраз – за едукација без дискриминација!

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права го организира единаесеттиот Марш на толеранција, кој ќе се одржи на 16-ти ноември, 2019 година (сабота) со почеток во 12 часот. Маршот ќе започне пред Музејот на град Скопје, преку улица Македонија, до крајната точка на платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.

Образованието и младите ќе бидат во фокусот на овогодишното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Причините се сериозни и секојдневно видливи – најчести извршители и жртви на злосторства од омраза се малолетни лица, а подемот на меѓуврсничкото насилство дополнително се зголемува со користењето на социјалните мрежи. Намалената толеранција на младите кон различностите е резултат на повеќе околности во општеството, но образованието се издвојува како еден од најпроблематичните фактори, со оглед на неговото клучно влијание во изградбата на ставовите и светогледот на младиот човек.

И покрај обемната материја со која се оптоварени децата и младинците во образовниот процес, училиштето сепак ги лишува од клучни животни вештини, од кои потоа зависи кохезијата на целото општество и иднината на цели генерации. Младите речиси и не се оспособуваат за критичко мислење. Учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, кои само ги зацврстуваат вкоренетите стеретотипи и предрасуди. Целосно е занемарена важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти. Долгогодишното игнорирање на потребата од сеопфатно сексуално образование ги направи младите дополнително затворени, ранливи и подложни на насилство. Исто така, неинформираноста на младите, но и нивното опкружување, раѓаат предрасуди и нетрпеливост во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование.

На 16-ти ноември ќе побараме вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование. Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар.  Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот.

На крајот на Маршот предвидено е да бидат одржани неколку говори од претставници на организациите кои ќе ја дадат својата поддршка, секој во својата област на делување. Настанот е поддржан од МОФ, ХЕРА, Коалиција Маргини, Националниот Ромски центар, Реактор и Национален совет за родова рамноправност (СОЖМ).

Придружете ни се на Маршот за толеранција 2019 за заедно да побараме коренити промени, онаму каде што растат и зреат идните граѓанки и граѓани.