Марш за женски права – „Ќе преживеат ли жените овде?“
март 7, 2023
Платформата за родова еднаквост ги поканува сите жени на Марш за женски права, што ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (среда).
Оваа година маршираме под слоганот: „Ќе преживеат ли жените овде?“, со почеток во 18 часот, на Плоштадот Филип II.
Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.
Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден. Да се биде жена или девојка во оваа земја значи секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување: Дали ќе го преживеам ова возење со такси? Дали ќе го преживеам овој месец? Дали ќе го преживеам браков? Дали ќе го преживеам породувањето? Дали ќе ја преживеам оваа операција? Накратко, да се биде жена во Македонија значи да се плашиш и постојано да се прашуваш „дали ќе преживеам?“.
Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот.
Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири.
Се гледаме на марш!
Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права. Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 28 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост во Република Македонија.