Марш за женски права – „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“
март 5, 2024
Ве покануваме на Марш за женски права, што ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (петок). Оваа година маршираме под слоганот: „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“, со почеток во 17:00ч. на Плоштадот Скендербег.
Осма година по ред маршираме за да потсетиме дека женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права!
Затоа што сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето!
Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат.
Марширајте со нас, со почеток во 17.00 часот, дојдете на Плоштад Скендербег или приклучете ни се на некоја од точките на рутата во прилог.
По нашето обраќање, се движиме по предвидената рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.
Се гледаме на марш!
Со почит,
Платформа за родова еднаквост
Рута[1] : https://maps.app.goo.gl/2Pbw8ykZ64qjWi128
[1] Збирно место – Плоштад Скендербег. Оттаму се продолжува кон плоштад „Филип II“, па по бул. „Гоце Делчев“ кон Влада на РСМ и потоа по бул.„Климент Охридски“ се до раскрсницата со „Димитрие Чуповски“ каде се врти лево и се продолжува до Собрание на РСМ и до парк Жена Борец каде и завршува рутата и ќе има обраќање од учесниците.