јули 12, 2013

Македонија одговори на Хјуман Рајтс Воч кажувајќи НЕ за дискриминацијата на „која било основа“

Македонската Влада брзо реагираше на писмото испратено од Хјуман Рајтс Воч (ХРВ), велејќи во интервју за LGBTQ Nation дека врши истрага и има намера да ги гони напаѓачите во серијата анти-ЛГБТИ напади во јуни и јули 2013. Исто така изјави и дека Премиерот веќе ги осудил актите на насилство.

Во писмото до македонскиот Премиер Никола Груевски, ХРВ истакна дека кандидатурата на Македонија за членство во Европската Унија делумно зависи и од имплементацијата на Европската Повелба за фундаментални права, која изрично забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација. ХРВ изјави дека законот за анти-дискриминација во Македонија не содржи таква одредба.

Владиниот молк по анти-геј нападите ги става ЛГБТИ луѓето во „ранлива положба, изложени на насилство и дискриминација“, а самиот молк ја прави Владата соучесник во анти-геј нападите од омраза, рече Борис Дитрих, директор за застапување на ЛГБТ права во Хјуман Рајтс Воч.

Вчера зборував во име на LGBTQ Nation со висок функционер од кабинетот на Премиерот, кој сакаше да остане анонимен, и изјави: „Премиерот веќе го осуди насилството кон ЛГБТ заедницата пред неколку дена, сакаме јасно да истакнеме дека овој проблем го сфаќаме многу сериозно, а полициската истрага веќе се спроведува.“

Во едно претходно интервју, Груевски беше запрашан дали е против анти-геј насилството во неговата земја, на што одговори: „Ниту во однос на нив, ниту за никој друг; насилството не е решение.“

Во оваа изјава се чини дека недостасува експлицитна осуда кон анти-геј насилството, кое вклучува и неодамнешен обид за палење на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Функционерот од владиниот кабинет во однос на ова додаде: „Правиме се’ што можеме да дознаеме кои се сторителите и да ги изведеме пред лицето на правдата. Законот за анти-дискриминација во Македонија не ја содржи сексуалната ориентација како основа, но дискриминацијата на „која било друга основа“ е забранета. Имаме намера да ја спроведеме правдата во целост и според законот.“

Го прашав функционерот дали законодавното тело планира во легислативата да ја забрани дискриминацијата на ЛГБТ луѓето, на што тој одговори: „Не знам дали е ова во нивниот план, но дискриминацијата на која било основа нема да се толерира.“

Македонските власти беа исто така испрашувани за ЛГБТ правата од страна на групите за човекови права, затоа што земјата е кандидат за место во Советот за човекови права на Обединетите Нации во Женева.

Тие дадоа сличен одговор, велејќи дека законот за анти-дискриминација вклучува „сексуална ориентација под поширокиот термин „друга основа“.“

Зборував со Петар Стојковиќ, познат македонски актер кој јавно ја има искажано својата сексуална ориентација, кој беше мета на еден од нападите, член на Одборот на Македонскиот Хелсиншки Комитет, и кој изјави дека Владата се обидува да избегне одговор и намерно дава лажни информации, затоа што не постои јавна осуда за анти-геј насилството.

Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка во Скопје, го повика владиниот функционер да го открие своето име и да биде појасен за тоа каде точно Премиерот го осудил насилството. Тој ми рече: „Мејнстрим медиумите блиски до Владата воопшто не известуваа ниту за нападите, како никогаш да не се случиле. Поради сето ова моравме да ја анимираме меѓународната заедница да изврши притисок на институциите, со цел тие барем да започнат истрага.“

Британскиот активист за човекови права, Питер Тачел, изјави дека се договорил со одговорот од македонските активисти, и ја нарече Владата „слаба и нејасна“. „Нема изрична осуда за анти-геј насилството од страна на Владата, ниту пак планови за донесување закон кој забранува дискриминација на ЛГБТ луѓето“, изјави тој. „Европската Унија мора да ја блокира апликацијата на Македонија и на државата не треба да и’ се даде место во Советот за човекови права на Обединетите Нации.“

За оригиналната вест кликнете тука.