јули 11, 2013

Хјуман Рајтс Воч: Писмо до премиерот Никола Груевски

Јули10, 2013

Премиер Никола Груевски

Влада на Република Македонија

Бул. Илинден бр.2

1000 Скопје Република Македонија

Почитуван Премиере Груевски,

Ви пишувам во име на Хјуман Рајтс Воч поради загриженост за неколку неодамнешни насилни напади врз членови на лезбејската, геј, бисексуалната, трансродовата и интерсексуалната (ЛГБТИ) заедница во Скопје. Како што и самиот знаете, Хјуман Рајтс Воч  е независна организација посветена на одбрана и заштита на човековите права. Ние ги истражуваме и разоткриваме прекршувањата на човековите права и ги повикуваме прекршителите на одговорност.

Нападите за кои зборувам беа поттикнати поради сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на жртвите.

На 22-ри Јуни започна Неделата на гордост во Центарот за поддршка наЛГБТИ во Скопје. Според информациите на сведоците за Хјуман Рајтс Воч околу 40 ЛГБТ лица присуствуваа на прикажувањето на неколку кратки филмови со ЛГБТИ тематика и имаше дискусија во врска со правото на здравствена нега на трансродовите лица. Кратко по започнувањето на настанот, во околу 18:30, толпа од околу 30 лица се собра пред Центарот и започна да извикува дерогативни  и хомофобични слогани и да им се заканува на луѓето внатре. Напаѓачите фрлаа камења, шишиња и цигли кон Центарот. Внатре, според извештаите кои ги добивме, луѓето во публиката беа исплашени и загрижени за својата безбедност. Полицијата пристигна и толпата се растури, оставајќи зад себе еден повреден полицаец кој беше удрен од еден од предметите фрлени од страна на толпата.

На 25-ти Јуни во 22:50 се собра толпа околу куќата на актерот Петар Стојковиќ во Скопје, кој јавно ја истакна својата хомосексуалност. Тој се наоѓаше внатре заедно со неговиот партнер. Толпата употребуваше хомофобичен говор и упатуваше закани за неговиот физички интегритет. Агресорите фрлаа камења кон неговата куќа. Стојковиќ го пријави случајот во полиција. Полициските службеници пристигнаа да извршат истрага на местото на настанот откако толпата си замина.

На еден од лидерите на организацијата ЛГБТ Јунајтед Македонија (името е познато на Хјуман Рајтс Воч, но не е објавено од безбедносни причини) кој учествуваше во организацијата на Неделата на гордост во Скопје, му беа упатени закани по живот по нападот на ЛГБТИ Центарот за поддршка. На неговата Фејсбук страница тој доби пораки во кои стоеше “Ќе ти ја исечеме главата” и “Ќе те убиеме”. Поради страв да не биде убиен тој ја напушти својата куќа и побара засолниште кај пријатели. Тој не се осмелува да ја напушти нивната куќа и всушност е затвореник во Скопје.

На 5-ти Јули, непознато лице (лица) се обиде да го запали Центарот за поддршка на ЛГБТИ. Според извештајот на полицијата, една од противпожарните служби во Скопје доби телефонски повик во околу 04:20 часот. Непознато лице пријави дека е опожарена куќата во која е сместен ЛГБТИ Центарот за поддршка. Противпожарната служба делуваше брзо, го локализираше и го изгаси пожарот. Во 08:30 часот двајца претставници на Одделот за полициска истрага во Скопје пристигнаа на местото на настанот. Според нивните првични наоди некој се качил на кровот на Центарот, отстранил десетина ќерамиди, истурил бензин на штиците на покривот и ги запалил.

Полицијата беше известена за сите овие горенаведени инциденти освен за смртните закани кон ЛГБТИ активистот. Кога Хјуман Рајтс Воч го праша зошто не пријавил во полиција, тој одговори дека изгубил секаква верба во полицијата.

Во моментот на пишување на ова писмо, не е познато дали полицијата ги истражува гореспоменатите инциденти. Откако ги пријавија овие злосторства жртвите немаат добиено никакви информации од властите.

Хјуман Рајтс Воч ги загрижува фактот дека ниту Вие ниту било кој друг од Вашата влада не ги осуди овие напади во јавноста, ниту пак му се обрати на македонскиот народ  да се воздржи од дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Македонија е мала земја со околу 2 милиони жители. Недостатокот на владин одговор дополнително ги загрозува ЛГБТ лицата во Македонија и ја доведува во прашање  посветеноста на владата на принципите на недискриминација и еднаквост.

Принципите на недискриминација и еднаквост се основата на меѓународниот систем за човекови права, според кој Македонија има јасни и задолжителни обврски. Според Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) “сите луѓе се родени слободни и еднакви по достоинство и права” (член 1) и “сите имаат право на сите права и слободи поставени во оваа Декларација, без никаква разлика” (член 2(1)). Овие принципи се повторуваат во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и други големи договори чиј потписник е Македонија.

Оттаму, принципот на недискриминација претставува суштинска договорна обврска и е принцип кој мора да се почитува. Остварувањто на сите права според основните договори без дискриминација не е предмет на прогресивна реализација, туку тоа е дефинирано како итна обврска.

Меѓународното право и стандарди забрануваат дискриминација врз основа на сексуална ориентација. Оттаму, заштитата на лезбејките, геј, бисексуалните и трансродовите лица од дискриминација е дел од должностите на Македонија. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП) на којшто му пристапи вашата земја во 1994, ја потврдува еднаквоста на сите луѓе во член 2 и 26. Во случајот Николас Тунен против Австралија од 1994 година, Комитетот за човекови права, меѓународното тело на експерти кое ја следи усогласеноста со МПГПП, одлучи дека овие одредби треба да бидат сфатени дека ја вклучуваат сексуалната ориентација како статус заштитен од дискриминација. Особено сметаше дека “референцата за”пол” во член 2, став 1 и член 26 треба да вклучува и сексуална ориентација.”

Македонија е потписник на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Во член 14, Конвенцијата забранува дискриминација во остварувањето на правата и слободите поставени со конвенцијата. Македонија исто така беше една од првите земји во Европа кои го ратификуваа протоколот 12 на Конвенцијата, кој забранува дискриминација на сите права “утврдени со закон“. Европскиот суд за човекови права, кој авторитативно ја толкува и спроведува Конвенцијата, има установено дека сексуалната ориентација е опфатена во член 14 од Европската конвенција за човекови права. Во својата прва пресуда за протокол 12 судот утврди дека основите за дискриминација забранета со тој протокол ќе бидат исти како во член 14, т.е. вклучувајќи ја сексуалната ориентација.

Од 2005-та година вашата земја е вклучена во процесот на “стабилизација и асоцијација” со Европската Унија како кандидат за идно членство. Член 21 од  Повелбата, која стапи во сила во Декември 2009-та година забранува дискриминација, особено дискриминација врз основа на сексуална ориентација.

Европската Комисија во својот извештај за напредокот на вашата земја од 2009-та година забележа:

“Мал напредок е направен во областа на недискриминаторската политика. Механизмите за идентификување, прогонување и криминализирање на сите форми на дискриминација од страна на државни и недржавни тела против поединци или групи не постојат. Закон за заштита од дискриминација треба да се донесе. Продолжува дискриминацијата врз основа на пол, етничка припадност, хендикеп и сексуална ориентација… Ниту Уставот, ниту постоечката легислатива не ја идентификува сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите лица не се заштитени од  директна или индиректна дискриминација и се стигматизирани, особено во руралните области.”

За жал не е направен голем напредок во овој поглед.

Европската Комисија пишува во својот извештај за напредокот на Македонија за 2012-та година (од 10-ти Октомври, 2012 РД (2012) 332 конечна верзија на страна 16 под социјални и економски права:“Законот против дискриминација се’ уште не е целосно во согласност со законодавството и праксата на ЕУ; дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација се’ уште не е вклучена. Лезбејската, Геј, Бисексуална и Трансродова (ЛГБТ) заедница и натаму е дискриминирана и стигматизирана.” И на страна 46:“ Законот за заштита од дискриминација експлицитно не ја забранува дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација при вработување и во професијата и оттаму не е целосно во согласност со законодавството и праксата на ЕУ. Структурирана и ситематска анализа на податоци за дискриминација не е воспоставена. Треба да се интензивираат активностите за подигнување на свеста во врска со еднаквост и недискриминација.”

Владата на Македонија јавно се посвети на борба против дискриминација врз основа на сексуална ориентација со потпишување  на заедничка изјава за човекови права и сексуална ориентација и родов идентитет претставена од страна на 66 држави на Генералното Собрание на Обединетите Нации во 18-ти Декември, 2008-ма година.

Изјавата ги повикува “сите држави и релевантни меѓународни механизми за човекови права да се посветат на унапредување и заштита на човековите права на сите луѓе , без разлика на сексуалната ориентација или родовиот идентитет”. Во неа исто така се “повикуваат државите да обезбедат соодветна заштита на борците за човекови права и да ги отстранат пречките кои ги спречуваат да ја извршуваат својата работа во врска со прашања за човекови права и сексуална ориентација и родов идентитет.”

На 31-ви Март, 2010-та година, Комитетот на Министри на 47-те земји-членки од Советот на Европа едногласно ги усвоија препораките  за борба против дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Македонија како член на Советот на Европа и нејзиниот Министер за Надворешни Работи ги одобри препораките. Додатокот претставува составен дел на препораките.

Под I. Право на живот, безбедност и заштита од насилство, под А.  “злосторства од омраза” и други инциденти мотивирани од омраза стои дека земјите-членки треба да обезбедат ефективни, брзи и непристрастни истраги за потенцијални случаи на криминал и други инциденти, каде што сексуалната ориентација или родовиот идентитет на жртвата основано се смета дека е мотив на сторителот;…и дека одговорните за такви дела ефективно да бидат изведени пред лицето на правдата и каде што е соодветно, да се казнат со цел да се избегне неказнивост.

Под Б. “Говор на омраза”#6, земјите членки се согласни дека тие треба да преземат соодветни мерки за борба против сите форми на изразување, вклучително во медиумите и на интернет, кои основано би биле сфатени дека би можеле да создадат ефект на поттикнување, ширење или промовирање на омраза или други форми на дискримининација на лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите лица. Таков “говор на омраза” треба да биде забранет и јавно осуден секогаш кога ќе се појави.

Под # 8,земјите се согласија дека јавните службеници и други државни претставници треба да бидат охрабрувани да промовираат толеранција и почит кон човековите права на лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите лица кога и да се вклучат во дијалог со клучни претставници и религиски заедници.

ПодIII. Слобода на изразување и мирно собирање под # 17, државите се согласија дека јавните власти на сите нивоа треба да бидат охрабрувани јавно да ги осудат, особено во медиумите, сите незаконити пречки во правото на поединците и групите да го остваруваат  нивното право на слободно изразување и мирно собирање, особено кога се работи за човековите права на лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите лица.

Во согласност со тие препораки, Вие, како Премиер и други членови на Вашата влада треба да преземете брзаи ефективна акција јавно да ги осудите насилството и говорот на омраза кон ЛГБТ лицата во Македонија и треба да се осигурате таквите инциденти темелно да бидат истражени, сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата и сите мерки да бидат преземени за да се спречат слични такви инциденти во иднина.

Ве повикуваме Вас и Вашата влада да не го вртите грбот на меѓународните стандарди за човекови права и активно да ја заштитувате безбедноста на ЛГБТИ лицата во Македонија. Клучна компонента на таквата заштита е јавно – во медиумите и пошироко – и безкомпромисно да ги отфрлите сите форми на насилство или дискриминација врз ЛГБТИ лицата и да ги повикате граѓаните на Република Македонија  да бидат толерантни и инклузивни. Понатаму, Ве повикуваме Вас и Вашата влада експлицитно да ги вклучите “сексуалната ориентација и родовиот идентитет” како основи за недискриминација во македонското законодавство.

Со задоволство го очекуваме Вашиот одговор.

Со почит,

Борис О. Дитрих

Директор на програмата за  застапување на правата на лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите лица Хјуман Рајтс Воч

Cc:

Г-дин Ѓорѓе Иванов, Претседател на Република Македонија

Г-дин Блерим Беџети, Министер за Правда