Македонија не го штити правото на живот и врши тортура врз мигранти и бегалци

април 24, 2015

На 24 април 2015 година, во близина на Велес воз усмрти 14 и повреди најмалку 4 мигранти- бегалци. Во последните 6 месеци усмртени беа најмалку 27 странци, вклучително бебиња, деца и жени кои ги напуштаат матичните држави од Западна Азија и Централна Африка и транзитираат преку територијата на Република Македонија. При откривање на овие лица од страна на полициски службеници тие најчесто се притвораат во Прифатниот центар за странци во населбата Гази Баба каде во крајно нечовечки услови поминуваат по неколку месеци.

Во Член 29 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека странците уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Република Македонија, како потписник на Европската конвенција за човекови права, покрај тоа што има обврска да се воздржи од одземање на животот, мора да преземе и соодветни чекори преку кои ќе ги заштити животите на оние лица кои се наоѓаат на нејзината територија. Ова особено се однесува на ситуации во кои државата е запознаена дека постојат ризици кои можат да доведат до губење на човечки животи. Истата обврска се однесува и на превенцијата и заштитата од тортура на сите лица кои се лишени од слобода.

За жал, и покрај тоа што Министерството за внатрешни работи е запознаено со опасностите и ризиците на кои се подложни мигрантите и бегалците, државата не презема соодветни мерки да ги заштити нивните најосновни човекови права. Пругите се необезбедени, не постои никаква сигнализација или знаци што би укажале на опасност за движење на луѓе, а на мигрантите и бегалците не им се обезбедува ниту најосновната хуманитарна помош. Единствениот Прифатен центар во Гази Баба е пренатрупан и во распаѓање, нема соодветна здравствена заштита, а не се обезбедува ниту правна помош. Мигрантите и бегалците живеат во неизвесност за нивната иднина, а Прифатниот центар е целосно затворен за здруженијата на граѓани и медиумите.

Обидот за релативизација на оваа хуманитарна криза од страна на Министерството за внатрешни работи преку изнаоѓање оправдувања во неефективната гранична контрола на Република Грција и претставувањето на овој проблем како глобален во никој случај не ја ослободува Република Македонија од сопствените обврски. Хелсиншкиот комитет потсетува дека во 1999 државата обезбеди прибежиште за над 350.000 бегалци од Косово, а денес не може да се справи со неколку стотини странци во истата ситуација. Комитетот очекува одобрување на последното поднесеното барање за посета на Прифатниот центар, ќе продолжи да ги следи постапките на властите и за тоа навремено ќе ја известува домашната и меѓународната јавност.