Кривична пријава за инцидентите при избор на претседател на СПУКМ

октомври 6, 2016

Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство- Скопје против службени лица при Министерството за внатрешни работи, кои спречиле слободно собирање и изразување на протест на студентите. Кривичната пријава е поднесена против раководните службени лица кои дале наредба и униформираните полициски службеници (припадници на Единицата за брзо распоредување) кои ја извршиле наредбата, прекршувајќи ги уставно загарантираните права на мирен собир и јавен протест гарантирани во член 21.

Имено, на 30.06.2016 година, на поголемиот број факултети започнало гласањето за избор на претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (СПУКМ). Гласањето започнало без да бидат исполнети потребните услови за одржување на изборите односно без паравани, без ливчиња со печат или жиг за избор, без избирачки списоци, што е спротивно на член 26 и член 31 од Правилникот за спроведување на избори за Претседател на Студенски парламент на Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ и факултетите членки на УКИМ. Студентите кои се членови на Студентски Пленум, неколку пати укажале на Деканската управа за овие неправилности.

За време на изборите повеќе пати бил прекршуван Статутот на Универзитетот и Правилникот за спроведување избори за Претседател на Студенски парламент. Така на пример, при гласањето на Правниот Факултет, гласачката кутија била насилно грабната од член на Изборната комисија кој бил придружуван од група на непознати лица кои не биле студенти, а се движеле на Кампусот на трите факултети и се упатиле кон седиштето на СПУКМ, стационарано во зградата на студенскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“.

Кулминација настанала во 22 часот, кога пристигна Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со оклопни возила, кои тргнаале кон студентите што биле присутни пред влезот на просториите на СПУКМ во знак на протест. Полициските службеници од Единицата за брзо распоредување насилно влегле во просториите на студенскиот парламент и започнале да им нанесуваат удари со нога на студентите, за да го расчистат патот за лицата кои ги носеле гласачките кутии.

Со своето постапување при извршувањето на наредбата, припадниците на ЕБР сториле две кривични дела, и тоа: „Спречување и смеќавање на јавен собир“ предвидено во член 155, став 2 од Кривичниот Законик на РМ и „Малтретирање во вршењето на службата“ предвидено во член 143 од Кривичниот Законик.

Хелсиншкиот комитет смета дека со ваквото постапување службените лица при Министерството за внатрешни работи, ги ограничиле и повредиле основните права и слободи на студентите. Како граѓани на Република Македонија, тие непречено ги уживаат правата загарантирани во Уставот и меѓународните стандарди и нивните прекршувања мора да бидат санкционирани.