КОВИД-19 / Имаш права и во вонредна состојба
март 31, 2020
Во време на вонредна состојба, Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности. Меѓутоа, вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права.
Преземените мерки не смеат да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, односно, оние најпогодените од воведувањето на вонредна состојба. Ова се однесува на лицата со ниски примања, изолираното рурално население, лицата со потешки здравствени состојби, лицата со попреченост, бездомните лица и постарите лица кои живеат сами или во некаква институција.
Човековите права и слободи мораат да бидат земени предвид при одлучувањето за преземање на мерки додека трае оваа состојба
Во извесна смисла, прибегнувањето кон вонредна состојба претставува премин од правило кон исклучок. Концептот за итност е заснован на идејата за ненадејна и неочекувана појава, како моменталната ситуација со КОВИД-19, чии ефекти водат до преземање на невообичаени правни и политички одговори. Токму затоа, реакцијата треба да биде ефикасна и мерките кои се преземаат мора соодветно да бидат таргетирани за да ги дадат посакуваните резултати.
За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна.
Мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата.
Согласно домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Произволното интервенирање би било спротивно на јавниот интерес и општото добро, а уредбите со законска сила кои ги носи Владата би биле спротивни на меѓународното право.
Објави на Хелсиншкиот комитет поврзани со мерките за превенција од КОВИД-19:
март 25, 2020
СОVID-19: Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа објави мислење за третманот на лицата лишени од слобода
март 21, 2020
Итно да се преземат мерки против отпуштања од работа додека трае кризата
март 18, 2020
Да се имаат предвид човековите права и достоинство кога се применуваат мерки за групна изолација
март 12, 2020
Превенција од ширење на вирусот КОВИД-19: Обратете се за правна помош по телефон или мејл