Комисијата за заштита од дискриминација одбива да го препознае дискриминаторскиот говор на Миленко Неделковски
Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на мислењето бр. 08-1651/1 од 17.10.2016 на Комисијата за заштита од дискриминација по претставката на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесена против новинарот Миленко Неделковски, за сторена дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во неговата емисија Миленко Неделковски Шоу на Канал 5 телевизија.
Мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација покрај тоа што содржи формални недостатоци, покажува и елементарно непознавање на Законот за заштита и спречување од дискриминација и погрешно интерпретирање на неговите одредби од страна на Комисијата. Во понатамошниот текст се обидуваме да ги издвоиме најсериозните недостатоци. Во мислењето Комисијата вели дека дискриминаторот треба да има некоја надредена позиција за да може да дискриминира одредена група. Законот за спречување и заштита од дискриминација не содржи ваква одредба, ниту пак пропишува посебни карактеристики кое едно лице треба да ги поседува за да може да биде дискриминатор. Законот е дециден во чл. 5 ст. 4 каде го дефинира дискриминаторското однесување и истото нема никаква врска со „надредена позиција“ на потенцијалниот дискриминатор.
Интересно е толкувањето на Комисијата за областите на примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во даденото мислење Комисијата вели дека дискриминацијата во областа на јавното информирање и медиумите се однесува на медиумите како правни лица, но не и на новинарите кои работат на приватни проекти (?!). Ваквата констатација изгледа на несериозно и паушално толкување на законите на Република Македонија со цел пронаоѓање на аргументи за одбрана на Миленко Неделковски. Со ваквата одлука новиот состав на Комисијата поставува јасна линија за непочитување на одлуките на претходниот состав кој во две одлуки утврди дискриминаторски говор по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, кој во себе содржеше елементи и на говор на омраза. Во целиот текст на мислењето, Комисијата за заштита од дискриминација се обидува дискриминаторскиот говор и говорот на омраза да го подведат под “мислење на авторот” и слобода на говор, неправејќи разлика помеѓу овие поими.
Можеби најзагрижувачко е што од мислењето можеме да заклучиме дека авторот, кој е еден од комисионерите во Комисијата за заштита од дискриминација, нема познавања за изворите на правото, што значат, како се користат, а со тоа ни како функционираат правните системи. Дури и авторот на мислењето да не е правник, бидејќи не сите комисионери се правници, сепак претседателот на Комисијата, Александар Даштевски е правник, и истиот го потпишал мислењето и требал да го корегира. Имено Комисијата вели дека “нема потреба од цитирање на чл. 14 од Европската конвенција за човекови права, бидејќи тој е имплементиран во нашето законодавство, особено во нашиот закон кој се смета дека содржи повисоки стандарди од тие што се предвидени во меѓународните документи”. Потсетуваме дека со Уставот на Република Македонија се пропишува дека меѓународните договори што се ратификувани со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не може да се менуваат со закон . Од текстот на мислењето произлегува дека Комисијата смета дека не можат граѓаните да се повикуваат на одлуките на Европскиот суд за човекови права, бидејќи за разлика од Судот, Комисијата била квазисудско тело, што повторно зборува за непознавањето на изворите на правото.
Како Мрежа за заштита од дискриминација изразуваме сериозна загриженост за непознавањето, погрешната примена и толкување на Законот за заштита и спречување од дискриминација од страна на Комисијата за заштита од дискриминација. Апелираме Комисијата за заштита од дискриминација да почне со правилно и доследно спроведување на Законот за заштита и спречување од дискриминација и при постапувањето по поднесените претставки да се придржува до законските одредби, а не од своите субјективни толкувања.