Колумна: Споделување, а не уништување на вредното!
февруари 7, 2017
Во многу мои презентации за Македонија, кои сум ги споделувала на разни интернационални настани, мојот роден град Битола сум го споменувала со гордост поради тоа што бил град на дипломатијата, град на културата, град со европски вредности, мултиетнички град за што сведочат бројните цркви (католички и православни), џамии, спомен плочата поставена од битолчани и битолчанки како потсетување за постоењето на синагогата, храмот на нивните сограѓани Евреите протерани од Битола за Треблинка во едни мрачни времиња. Ваквата презентација сум ја користела дури и кога сум зборувала за мојот професионален развој, затоа што сметам дека местото каде живееш или пак се образоваш се одразува врз личноста, нејзините вредности и ставови за општеството.
Но, Битола (а верувам дека и други градови во земјава, но полесно ми е да зборувам од позиција на мојата заедница) последниве неколку години како да живее во нови, мрачни времиња. На што се базирани овие мои (според вас можеби скептички и песимистички, а според мене реални) размисли и чувства? Базирани се на заклучоците од секојдневното мое делување како младински работник и активист кој се застапува за човековите права. Сликата за Битола денес би се опишала вака:
Тоа е град во кој владее неинформираноста или погрешната информираност, односно илузијата. Луѓето се изолирани од современиот претприемачки дух кој се поттикнува и практикува во светот денес, затоа што моите сограѓани се затворени во така наречени компании. А потоа во своите домови, во кои на телевизиите или пак на социјалните медиуми на follow им се субјекти кои создаваат стереотипи за тоа што значи граѓанско општество, граѓанска вклученост и активност. Во Битола царува современиот кабадајлук кој го втурнува градот во сиромаштија. Па така, социјалните проблеми и потреби на граѓаните околу нас се игнорираат или воопшто не се забележуваат. Таквото исклучување на послабите и различните од нас, го прекинува кругот и го јакне постојниот систем во државава кој е тотално нефункционален веќе одамна. Битола веќе не изгледа како град, а за тоа, меѓу другото, сведочат узурпираните јавни простори за нечии лични бизнис интереси, демолираните објекти од културно значење, вандализирани фасади на згради и училишта со ужасни чкртаници со „пораки“ од поединци или групи дека градот треба да се исчисти од „различните“ (?!). И тука ќе запрам. Тука ќе кажам дека тие чкртаници не се веќе нивни начин за слободно изразување, туку класично кршење на човековите права. Тоа е говор на омраза и кривично дело.
Секогаш кога имам можност, се обидувам да го ублажам хоророт на кој сум сведок. Преку соопштенија за медиуми, споделување на позитивни пораки, работилници и други активности во кои ја јакнеме свеста за тоа колку е опасен говорот на омраза, дискриминацијата, навредата, предрасудите, стереотипите, погрешните вредности, но и важноста на познавањето и застапувањето за човековите права, свои, но и на секое живо битие околу нас. Се повеќе дискриминирани затоа што сме дел од граѓанскиот сектор, бараме мотивација во овој град да ја продолжиме нашата мисија. Загриженоста останува, за сите оние генерации кои живеат или учат за време на овие нови мрачни времиња, затоа што она што секојдневно го гледаат и слушаат се одразува на нивните погледи за светот. Прашањето до сите тие генерации е: ако треба да направите презентација за вашиот град, што е она што ќе ве прави горди и што е вредно за споделување од перспектива на соживот и толеранција?
М-р Наташа Чавдаровска, активистка
Овој текст е објавен во рамките на проектот „Борба против говор на омраза“ поддржан од Американската фондација за демократија (National Endowment for Democracy). Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.