февруари 9, 2017

Јавното обвинителство води неефикасна и нетранспарентна истрага за случајот на Тамара Димовска

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија остро реагира на инертноста која јавното обвинителство ја покажува во случајот на Тамара Димовска, која поради огромниот пропуст и незаконитото постапување на Фондот за здравствено осигурување почина на 09.02.2015 година.

Хелсиншкиот комитет за човекови права по смртта на Тамара изготви и поднесе кривични пријави против одговорните, а поради сомневање за сторување на кривични дела од членовите 353 став 1 и 2 од КЗ на Република Македонија, односно злоупотреба на службена должност и членот 353-в став 1 и 2 од КЗ на Република Македонија, односно несовесно работење во службата.

Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство беше поднесена на ден 19.02.2015 година и до ден денес, Комитетот нема добиено никаков одговор од ОЈО Скопје, иако се изминати точно 2 годни. Ваквото непостапување од страна на ОЈО Скопје е спротивно на член 275 од Законот за кривичната постапка, со кој член се пропишува дека ако јавниот обвинител во рок од 3 месеци од денот на приемот на кривичната пријава не одлучи по пријавата, должен е веднаш да го извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител.

Поради горенаведеното Хелсиншкиот комитет и Жаклина Димовска, мајка на малолетната Тамара, поднесоа барања до Вишото Јавно Обвинителство Скопје, до Јавниот обвинител на Република Македонија и до Советот на јавни обвинители на РМ, со кое баравме да биде спроведен надзор над работата на ОЈО Скопје за да се утврди кои се причините за одолговлекувањето на постапката, како и ВЈО Скопје да го преземе кривичното гонење во овој случај.

Според одговорот кој го добивме од Вишото јавно обвинителство Скопје, надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје предметот го реферирал на колегиумот на Основното јавно обвинителство Скопје, поради сложеноста на предметот и медиумскиот интерес. На стручниот колегиум одржан на 08.02.2016 година било одлучено постапката да продолжи со непосредно обвинение пред надлежен суд, доколку обвинетите не го користат своето право на спогодување на вина.

Од денот на одржување на стручниот колегиум до денешен датум има изминато точно една година, а ниту мајката на Тамара, Жаклина Димовска, ниту Хелсиншкиот комитет, ниту јавноста немаат добиено известување дали осомничените се спогодиле со јавното обвинителство или пак дали е поднесен обвинителен акт.

Во оваа насока би сакале да го потсетиме јавното обвинителство на членот 8 од Законот за јавното обвинителство во кој е наведено дека јавното обвинителство е должно да ја информира јавноста за одделни случаи по кои постапува, особено ако се од таква природа што предизвикуваат поширок општ интерес во јавноста.

Оттука, бараме итен одговор од јавното обвинителство за исходот од постапката покрената за малолетната Тамара Димовска, а во спротивно ќе поднесеме жалба до Европскиот суд за човекови права за повреда на ефикасност на истрагата и правото на пристап до суд и правото на реална жалба.