Кои се начините за ефикасна борба против говорот на омраза

април 17, 2025

Говорот на омраза како малигна општествена појава е постојано присутен во јавниот дискурс во Република Северна Македонија. Постојаното видоизменување на оваа појава и проникнувањето во различните сфери од општествениот живот бараат адекватно приспособување на правниот систем, но и на реакциите од страна на институциите.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот „Борба против говорот на омраза во Република Северна Македонија“ поддржан од  Советот на Европа и ЕУ, на 16 април , во Скопје, организираше панел дискусија за актуелната состојба со говорот на омраза во Северна Македонија. Модераторка на дискусијата беше адвокатката  Бојана Неткова.

Марија Андреева, проектна раководителка во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, рече дека борбата против говорот на омраза и нетолераницијата се остварува во партнерство со граѓанските организации и другите здруженија, како и во соработка и поддршка на надлежните институции. Препораката на  Комитетот на министри за борба против говор на омраза, усвоена во 2022 година е клучен документ кој  ги повикува владите да развиваат сеопфатни стратегии за спречување и борба против говорот на омраза. Притоа се издвојуваат неколку пристапи: соодветна правна рамка, собирањето на податоци и подигнувањето на свеста, а ова е можно со градење на квалитетна соработка на сите засегнати страни во општеството.

Билјана Георгиевска, извршна директорка на  Советот за етика во медиумите, рече дека од вкупно 86 жалби до Советот во 2024 година, 4 се однесувале на говор на омраза. Но нивниот број зависи од препознавањето на прекрушувањето. Најголем број на прекршители, кога станува збор за говорот на омраза во медиумската сфера, се онлајн медиумите, поточно нивниот однос кон коментарите на нивните профили на социјалните мрежи. Тие одбиваат да ги модерираат коментарите на нивните содржини со изговор дека немаат доволно ресурси. Георгиевска нагласи дека жалбите за говор на омраза доаѓаат главно од невладините организации кои се најактивни во овој дел. Подобрување на состојбите можно е само со соработка меѓу институциите, а недоволната соработка доведува до нерешавање на случаите на говор на омраза.

Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, ги претстави податоците од минатата година за случаите на говор на омраза, при што се покажува дека се повторуваат вкоренетите предрасуди. Регистрирани се вкупно 1590 случаи во периодот од 1 јануари 2024 до 31 март 2025 година, од кои најголемиот број се однесуваат на говор на омраза врз основа на етничка или национална припадност, а по нив следува сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Хелсиншкиот комитет за овој период  иницирал вкупно 10 постапки и тоа пет до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, една до Секторот за економски и компјутерски криминал при Сектор за внатрешни работи Скопје,  две до Основното јавно обвинителство во Скопје, една до Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијa.  За ниту една постапка која е инцирана пред органите на прогонот до овој момент нема јавно обвинителска одлука.

Подигнувањето на општествената свест во борбата против говорот на омраза се недоволни без јасна и сеопфатна законска рамка и ефикасна имплементација од страна на институтциите, беше кажано на дискусијата.