Коалиција „Маргини“: Реакција по однос на манипулациите во дел од медиумите за наводна финансиска поддршка на геј парада од страна на Министерството за култура
февруари 13, 2018
Во продолженије интегрално ја пренесуваме реакцијата на Коалиција „Маргини“ по однос на Скопскиот викенд на гордоста во чија организација и спроведување учествува и Хелсиншки комитет за човекови права на РМ – ЛГБТИ Центар за поддршка.
Почитувани претставници на медиумите,
Во текот на вчерашниот ден, 12.02.2018, во дел од медиумите беше објавена дезинформација со тенденциозен наслов, со која јавноста беше изманипулирана дека Министерството за култура во рамки на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018, одобрило грант за Коалицијата Маргини наменет за одржување на геј парада.
Коалицијата МАРГИНИ најостро реагира на лагите, клеветите, манипулативните и хомофобични објави во дел од таканаречените “медиуми”, кои во духот на нивната долгогодишна практика на ширење на дискриминаторски и хомофобичен говор на омраза, сеење на страв и морална паника, ширење лаги, и репродуцирање на нетолерантните и насилни ставови во општеството, повторно ја злоупотребуваат ЛГБТИ заедницата, активистите за човекови права и културните работници, со цел собирање на евтини политички поени и девалвација на нивните политички противници.
Одобрениот грант на Коалицијата, како што и самите овие “медиуми” укажуваат, за да истото го игнорираат и превртат манипулативно во насловите на објавите, е за одржување на Скопскиот викенд на гордоста 2018, што ќе се одржи по шести пат годинава. Скопскиот викенд на гордоста е културен и уметнички фестивал, на кој со години по ред се претставуваат и земаат учество некои од најзначајните современи уметници, теоретичари и културни работници од регионот, Европа и светот, и за кој публиката со години по ред покажува интерес, видливо во континуираната и огромна посетеност на перформансите, изложбите и предавањата во склоп на Викендот.
Целта на Викендот на гордоста е да креира простор за, и да промовира, ненормативни форми на светоградење, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови и сензибилитети кои во рамки на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, неуспешни, патолошки, чудни итн.
Како и претходните години, и оваа година во рамки на Викендот на гордоста ќе бидат претставени дела и перформанси на некои од најзначајните имиња во областа на современата уметност и културни практики, особено квир и феминистички уметници. Со големо жалење можеме да констатираме дека овие “медиуми” покажуваат целосно непознавање на современите културно-уметнички трендови и практики и игнорантност кон незапирливите и парадигматски промени во светот на уметноста, непрепознавање на методолошките тенденции во областа на хуманистиката и општествените науки, како и нула информации за придонесите и историските белези што ги имаат оставено во уметноста феминистичките и квир уметници. Скопскиот викенд на гордоста стреми да ги претстави токму овие придонеси, иновации и практики на светско ниво во рамки на културно-уметничкиот пејзаж, дискурзивната и јавната сфера во Македонија. Ова е и една од клучните заложби, со години по ред, на Коалицијата Маргини, видлива преку организацијата на многубројни уметнички настани, вклучително и индивидуални и групни изложби, филмски фестивали, перформанси, издавачка дејност, културно-уметнички интервенции во јавниот простор итн.
Од тие причини и ја поздравуваме одлуката на Министерството за култура да даде поддршка на нашиот фестивал, што претставува историска, и без преседан одлука до сега. Оваа поддршка ја гледаме и како доследна рефлексија на основните принципи и вредности на новата Стратегија за културен развој во која недвосмислено се истакнати граѓанскиот, хетерогениот и плуралистичкиот пристап кон разбирањето на културата и уметноста, наместо претходниот етно-националистички и примитивен пристап кон културата, со што Македонија конечно застанува во ред на европските земји препознаени како носители и предводници на културниот развој во светот.
За крај би сакале да ги потсетиме овие медиуми дека би било добро во наредна прилика кога објавуваат какви било информации или пак одлучуваат да си играат со новинарството, да го консултираат Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија, како и дека клеветата е казнено дело согласно законите на Република Македонија. Исто така да потсетиме на искуството од 2013 година, кога благодарение на хомофобичните објави за наводно организирање на парада во Македонија, се случи нападот на ЛГБТИ Центарот за поддршка во кој се одржуваше Неделата на гордост.
Затоа, бараме сите овие медиуми јавно да се извинат до Коалицијата Маргини, до ЛГБТИ популацијата, и до граѓаните на Република Македонија, бидејќи повторно безобразно ги манипулираат и дезинформираат. Медиумите мора да ја препознаат својата улога на заштитници на човековите права, во спротивно ќе бидат запаментени како соучесници во насилството и дискриминацијата кон ЛГБТИ луѓето.
Со почит,
Тимот на Коалицијата Маргини