Je suis Charlie!

јануари 8, 2015

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија изразува длабока загриженост за вчерашните настани во Франција каде што при напад во Париз беа  брутално убиени 10 новинари и двајца полициски службеници. Овој чин на насилство претставува атак врз слободата на изразувањето и уметноста, како и критичката мисла. Последицитте од ваквите напади врз медиумите се далекусежни бидејќи нарушувањето на нивната безбедност и слобода во информирањето се начин за спречување на слободното изразување во било која форма, преку збор или слика. Овој вид на  свирепо насилсто нема оправдување, исто како што човечкиот живот и слобода на изразување немаат цена.

Сакаме  да ја поддржиме солидарноста и сплотеноста која што ја манифеестираа граѓаните во текот на вчерашниот ден кога се собраа на плоштадот во Париз со порака „Не се плашиме“, бидејќи овој напад пред се има за цел да создаде хаос, несигурност и да ја поткопа безбедноста и слободата на изразување на критичката мисла. Меѓутоа, како што посочија граѓаните, слободата на изразување, како и работата на магазинот и новинарите не може и не смее да биде сопрена како што не може и не смее да биде сопрена мислата, идејата и уметноста како форма на изразување.

Во овие моменти е важно да се потсетиме на човечноста, хуманоста и вредностите кои одат во насока на заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите насекаде во светот. Одземањето на човечки животи претставува чин  за кој не постои какво било оправдување. Верското уверување или убедување не може и не смее да се брани со насилство ниту пак да се оневоможи слободен проток на критичка мисла во јавниот простор,  вклучувајќи ги хуморот и сатирата во новинарската работа. Спротивставените мислења за одредени прашања не се разрешуваат со одземање на животи.

Таквите  методи може да имаат само негативен ефект на целото општество особено на припадниците на исламската заедница кои што може да трпат последици после овој настан и да бидат предмет на омраза. Од тие причини повикуваме ваквиот чин на насилство да биде третиран како чин на индивидуалци, а не како чин сторен од страна на колектив кој и припаѓа на одредена религија.