април 7, 2017

Изречена глоба за фабриката во Крива Паланка која се уште им ги нема исплатено платите и придонеси на работничките

По поднесеното барање од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за спроведување вонреден инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд утврди прекршување на работничките права на вработените во ДПЧТ Кадоро Ото ДООЕЛ Крива Паланка. Прекршувањето е во делот на исплата на плати и придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување за месец јануари на вработените во чевларскиот погон во Крива Паланка. Врз основа на утврдената фактичка состојба од спроведениот инспекциски надзор, надлежниот инспектор издаде наредба до работодавачот и одговорното лице да го отстранат недостатокот, односно на вработените да им исплатат плата и законски придонеси на истата за месец јануари 2017 година, и тоа во рок од 8 дена од извршениот инспекциски надзор. Бидејќи и по изминување на дадениот рок за отстранување на недостатоците и исплата на плата и законски придонеси, работодавецот не постапи по издадената наредба, Хелсиншкиот комитет побара продолжување на постапката од страна на Државниот инспекторат за труд и поведување на прекршочна постапка.

Во одговор на вака поднесеното барање, Државниот инспекторат за труд нè извести дека констатирал непостапување по издадената наредба од страна на работодавецот со што тој сторил повреда на чл.109 од Законот за работни односи. Согласно оваа одредба, “Платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна идниот прв работен ден. Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.” Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, надлежниот инспекторат изрекол глоба за сторениот прекршок со рок на плаќање од 8 дена. Работодавачот уште следниот ден извршил уплата на одмерената глоба во полн износ на издадениот прекршочен платен налог.

Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува позитивниот пример кој го даде Државниот инспекторат за труд ПЕ Крива Паланка, постапувајќи согласно законот и своите надлежности и ги повикува сите останати надлежни институции да постапуваат согласно своите надлежности во заштита на работничките права. Меѓутоа, потенцираме дека казнувањето на работодавецот и плаќањето на изречената глоба не го менува фактот дека работничките остануваат без плата и придонеси и тоа веќе за два последователни месеци, јануари и февруари 2017 година. Континуираната инертност на работодавците од овие индустрии на нивните обврски кои произлегуваат од законите, договорите за вработување и колективните договори од овие индустрии, е повеќе од загрижувачка. За да се надмине ваквата состојба, неизбежно е непречено функционирање на механизмите за заштита на работничките правата, како работничките од овие индустрии би имале директен бенефит и заштита на нивните права.