јануари 27, 2017

Избришани навредливите графити и кукастите крстови во ОУ Ѓорѓи Сугарев во Битола

По објавувањето во јавност на случајот на дискриминација и говор на омраза изразен преку нацртани кукасти крстови и испишани графити “Смрт за Ѓупци” и “Умрете Ѓупци” на ѕидовите на ОУ Ѓорѓи Сугарев во Битола, кои упатуваа повик за насилство кон ромската етничка заедница, ОУ Ѓорѓи Сугарев веднаш започна со бришење, односно покривање на испишаните пораки и нацртаните кукасти крстови.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува брзата реакција на училиштето, но во исто време апелира да се преземат превентивни мерки за спречување на вакви инциденти во иднина. Тргајќи одстремежот за градење соживот, толеранција  и меѓусебно почитување без разлика на етничката, религиозната или било која друга припадност, бараме Општина Битола, како општина под чија надлежност се наоѓа ОУ Ѓорѓи Сугарев, да го зајакне надзорот околу училиштето што истовремено ќе овозможи заштита на сигурноста на учениците кои го посетуваат ова училиште и идентификување на потенцијални сторители на вакви или слични дејствија.

Дополнително, Општината треба да преземе чекори за зголемување на свеста кај граѓаните за меѓуетничка, меѓурелигиозна и меѓукултурна толеранција и соживот.