Итно да се преземат мерки против отпуштања од работа додека трае кризата
март 21, 2020
Голем број работници го известија Хелсиншкиот комитет за човекови права дека одредени работодавачи ја злоупотребуваат вонредната состојба и најавуваат откажување на договорите за вработување на цели групи вработени лица или значителни намалувања на платите. Ова се надоврзува на фактот што Агенцијата за вработување во Охрид веќе добила пријави за одјавувања на вработени во текстилните фабрики, фабриките за производство на обувки, хотелите и рестораните.
Од овие причини, сметаме дека е неопходен мораториум на сите откажувања на договорот за вработување од страна на работодавачот (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба. Апелираме до работодавачите да не го користат овој тежок период за лични интереси, туку да се вклучат и доколку можат, да помогнат во надминувањето на здравствената криза во државата. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците ќе значи ризик по нивната егзистенција и токму затоа се потребни солидарноста и заедништвото. Дотолку повеќе, физичките и правните лица кои не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките, ќе сносат кривична одговорност согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.
Апелираме до работниците да не потпишуваат ништо без претходно да се консултираат со правник и/или адвокат. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет е достапен за бесплатна правна консултација секој работен ден од 9.00 до 14.00 часот.
Сите кои ќе се соочат со прекршување на нивните работнички права, тоа можат да го пријават во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31 или во Хелсиншкиот комитет за човекови права, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436 или на електронската адреса helkom@mhc.org.mk.