Инсистираме истрагата на Клиниката за онкологија да биде врвен приоритет на надлежните институции
Хелсиншки комитет за човекови права остро реагира за скандалот во Клиниката за онкологија и инсистира итно да се расчистат наводите што ги објавија медиумите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак, а за кои Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство отворија предистрага. Во исто време повикуваме на брзо и темелно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.
На луѓето со најтешката дијагноза, канцер, системот и здравствените работници во согласност со етичките, моралните и хуманите начела без исклучок треба да им обезбедат целосна нега и заштита. Со овој случај се покажува дека потфрлил целиот здравствен систем, како и одговорните кои треба да се грижат за неговото функционирање.
Граѓаните со право се револтирани и ја губат довербата во лекарите и во здравствениот систем, но и во институциите кои што треба да обезбедат надзор и соодветно казнување на сите пропусти од страна на истиот тој здравствен систем.
Имајќи ги предвид претходните случувања во здравството, не е зачудувачки бесот и револтот на граѓаните и затоа очекуваме дека овојпат надлежните органи ќе бидат транспарентни, отворени и ефикасни во постапувањето за разрешување на овој случај.
Инсистираме расчистувањето на наводите за тежок облик на организиран криминал и корупција да биде приоритет за надлежните институции, да не се одолговлекува постапката, таа да биде во согласност со законските рокови, а виновниците на крајот да бидат соодветно казнети.
Апелираме расчистувањето на овој сличај да не се злоупотребува за дневно политички цели, бидејќи се работи за интерес за сите граѓани и општеството во целина.