март 31, 2015

Хелсиншкиот комитет започнува со надгледување на работата на Уставниот суд

Според годишните извештаи на Уставниот суд, во периодот 2011-2013 година Судот бележи намален број на примени и завршени предмети, намален број на укинати и поништени одредби од закони и подзаконски акти, намалување на годишниот буџет и намалување на бројот на поднесени уставни иницијативи од страна на граѓанските организации. Бројот на примени предмети е во постојан пад и споредено со 2011 г. кога примени биле 236, во 2013 г. примени се 170 предмети (-39%). Споредбата за истите години по однос на завршени предмети е 231/142 (-62%) и укинувачки/поништувачки одлуки 32/14 (-128%). Буџетот на судот во 2013 г. изнесувал само 498.780 евра што е за 13% помалку од 2011 г. Од целокупниот буџет дури 74% отпаѓа на плати. Овие негативни индикатори укажуваат на невообичаено пасивизирање во работата на Судот, намалување на довербата кај граѓаните, сомневања за наклонетост кон политиките на законодавната и извршната власт и недостаток на средства за професионален ангажман на Судот. Во Извештајот за напредокот на РМ во 2014 година на Европската комисија се содржани забелешки за составот на судот, неговата пристрасност и пролонгирање на донесувањето на одлуки.

Поради сите наведени причини, Хелсиншкиот комитет, со почеток од 25 март 2015 година, започна со спроведување на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. Основната цел на проектот е зајакнување на независноста, непристрасноста и легитимноста на Уставниот суд преку надгледување на неговата работа и научно истражување за изнаоѓање на најсоодветниот систем за воведување на уставната жалба како можен нов институт во македонскиот правосуден систем. Надгледувањето ќе се спроведува од март 2015 до јули 2016 година. Главните проектни активности опфаќаат: 1. Надгледување и оценување на седниците на Уставниот суд; 2. Бесплатна правна помош за граѓаните кои се обраќаат до Судот; 3. Споделување на наоди со јавноста преку објавување на статија за секоја седница засебно на веб страницата на Комитетот; 4. Подготовка на сопствени уставни иницијативи; и 5. Следење на имплементација на одлуките на Уставниот суд од страна на законодавната и извршната власт.


Проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“ е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.