декември 27, 2019

Хелсиншкиот комитет не се согласува со одлука на СЕММ за текст со дискриминаторска содржина

Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 26 ноември 2019 година, поднесе жалба до Советот за етика во медиумите на Македонија за текстот со наслов „Посебни проблеми со прифаќање на учениците со посебни потреби”,[1] објавен на интернет порталот „Слободен печат”. Жалбата е поднесена поради начинот на кој е опишана ситуацијата во едно од одделенијата во ОУ „Невена Георгиева Дуња” во Скопје од страна на медиумот и заради погрешни наводи за здравствената состојба на едно од децата во тоа одделение.

Советот за етика во медиумите ја отфрли жалбата на Хелсиншкиот комитет, а во одлуката е наведено е дека медиумот „Слободен печат” во својот одговор навел дека ја сфаќа жалбата како еден вид притисок врз медиумиот, затоа што имале сознанија дека статијата директно засега висок владин функционер од Министерството за образование и наука.

Во таа насока, известуваме дека Хелсиншкиот комитет за човекови права не се согласува со оваа одлука на СЕММ од следниве причини:

  • Описот на настаните во текстот е сведен на изјава дадена од родител на само еден ученик и не е застапена втората страна, односно не се исконтактирани родителите на детето на коешто се однесува текстот;
  • Се дискриминира дете врз основа на неговата здравствена состојба и погрешно се наведува дека детето е со посебни потреби;
  • Комитетот постапува по претставки од граѓани независно од нивната политичка припадност и општествена позиција и целосно ги отфрла обвинувањата дека врши притисок врз медиумот поради тоа што статијата засега висок функционер од МОН.

Имено, медиумот немал никакви докази за да наведе дека станува збор за дете со попреченост ниту дека тоа дете ги вознемирува соучениците. Текстот е напишан без да бидат контактирани родителите на детето, на коe му е дијагностицирана хиперактивност и дефицит на внимание, а и без да биде земена предвид содржината на пораките во „Вибер” групата за комуникација помеѓу родители и наставници, каде се забележува дискриминација врз основа на здравствена состојба од страна на родител на соученик.

Од сите овие причини, отфрлањето на нашата жалба го сметаме за неосновано и истовремено апелираме до медиумите да бидат внимателни и професионални при известување за чувствителни теми, посебно во вакви случаи кога се засегнати правата на дете и се врши дискриминација врз основ на здравствена состојба.

[1] Слободен печат: Посебни проблеми со прифаќањето на учениците со посебни потреби, автор: Мартин Богатиноски, објавено на 26.11.2019 година, достапно на: https://www.slobodenpecat.mk/posebni-problemi-so-prifakaneto-na-ucheniczite-so-posebni-potrebi/, последен пат пристапено на: 27.12.2019 година.