Хелсиншки комитет: Да се стави крај на насилството предизвикано од навивачките групи

септември 21, 2020

Двата инциденти во една седмица, предизвикани од навивачка група во Скопје, се најсвежи меѓу бројните докази дека повеќе не смее да се игнорира потребата од вистинско, а не само декларативно справување со овој деструктивен феномен. Хелсиншкиот комитет години наназад реагира на инциденти предизвикани од навивачки групи, го следи говорот на омраза што излегува од нивните редови и ги брои жртвите од насилството, кое е неминовна последица на огромните количини излеана омраза на стадионите, улиците, плоштадите, медиумите, итн. За последните настани реагиравме со поднесување на пријави[1] до Министерството за внатрешни работи и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Хелсиншкиот комитет во континуитет бара соодветна реакција од страна на надлежните институции, особено Основното јавно обвинителство. Исто така, во своите реакции Комитетот ги охрабрува жртвите да ги пријавуваат ваквите инциденти од омраза.

Од прогласувањето на глобалната здравствена пандемија на Ковид-19 и прогласувањето на вонредна состојба во државата, бројот на пријави за говор на омраза драстично се зголеми, особено говорот на омраза врз основ на етничка припадност.

 

Во 2019 година во периодот од 16.03.2019 до 20.09.2019, Хелсиншкиот комитет регистрираше вкупно 379 пријави поврзани со говор на омраза, од кои 130 пријави за говор на омраза врз основ на етничка припадност. За споредба, оваа година за истиот временски период, регистрирани се 662 пријави, од кои 353 кои се однесуваат на говор на омраза врз основ на етничка припадност, што воедно претставува зголемување за околу 280% во споредба со лани.

Исто така, во изминатиов период на платформата “Злосторства од омраза[2]” регистрирани се 4 инциденти случени пред и за време на спортските натпревари кои вклучуваат елементи на дела од омраза со етнички предзнак[3]. Сите инциденти се регистрирани како прекршоци согласно Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, иако имаат елементи на дела од омраза кои биле инспирирани од предрасуда врз основ на етничка припадност. Хелсиншкиот комитет го повикува Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да го имаат предвид мотивот за овие инциденти и соодветно да постапуваат согласно Кривичниот законик.

Сепак, апелите, предупредувањата и осудите се покажаа како недоволни. Дејствијата на овие групи предизвикуваат некогаш и ненадоместлива штета на конкретни луѓе, но и нивната дестабилизирачка функција за пошироката заедница мора да стане предмет за реална и темелна акција. Таа акција треба и мора да ја предводат институциите, а да ја поддржат сите други фактори во државата- политичките партии, граѓанскиот сектор, спортистите, спортските федерации, спонзорите итн. Познато е дека ширењето на омраза и насилство изминатите децении станаа традиционален, ако не и единствен белег на навивачките групи во земјава. Но, на традиции кои редовно ги полнат рубриките со црна хроника мора да им се стави крај.  Едно слободно и мултиетничко општество мора да се избори со организираното насилство и со неговата инструментализација во политички цели. Навивачите еднаш засекогаш треба да престанат да бидат актери во спектакли наменети за поларизација на општеството.

Токму затоа сметаме дека е крајно време за суштинско справување на овој проблем, при што, покрај строгото санкционирање на говорот и делата од омраза, ќе се применат и други мерки од земјите кои имаат позитивни разрешници на ова поле. Многу хулигански навивачки групи низ Европа, денеска се конструктивен дел од заедницата, а насилството и дивеењето го заменија со хумантирни активности и поддршка на позитивни каузи. За да биде можно поместување како во овие примери,  клучно е институциите неселективно, строго и доследно да го спороведуваат законот. Од подеднаква важност е и директната работа  со припадниците на навивачките групи, решавање на конфликтите на ненасилен и мирен начин и давањето поттик за да се преобмисли нивното постоење во конструктивна насока. И најважно од се, неопходна е политичка волја за да се изведе еден ваков процес, кој би значел гасење на еден голем генератор на омраза во општеството, што ќе има долгорочни позитивни ефекти за сите граѓани во државата и за нејзината стабилност.

 

 

[1] Хелсиншки: Пријави за ширење меѓуетничка омраза на вчерашната прослава. Достапно на: https://mhc.org.mk/media/media-web/helsinshki-prijavi-za-shirenje-meguetnichka-omraza-na-vcherashnata-proslava/

Институциите да го санкционираат поттикнувањето на насилство и ширењето меѓуетничка омраза. Достапно на: https://mhc.org.mk/news/2019-2018-2017-2016-2015-2014-2013-2012-2011-2010-corner-soopshtenija-instituciite-da-go-sankcioniraat-pottiknuvanjeto-na-nasilstvo-i-shirenjeto-meguetnichka-omraz/

[2] https://zlostorstvaodomraza.com/

[3] Годишник за криминалот од омраза за 2019 година: https://mhc.org.mk/reports/godishnik-za-kriminalot-od-omraza-za-2019-godina/