Хелсиншки комитет бара да се постапува законски со МКЦ
Младинскиот културен центар е институција во која изминатите 50 години од неговото постоење растеле многу генерации, тој е со долга и богата традиција на музички, ликовни, филмски, театарски настани и други културни и образовни содржини и е едно од вистинските обележја на градот Скопје. МКЦ е дел од културното наследство на градот, истовремено културен центар кој е соодветен на потребите на младите. Од тие причини не смее да биде жртва на какви било притисоци и политики на негово уназадување.
И во изминатиот период бевме сведоци дека МКЦ беше жртва на незаконско постапување при обидите да се назначи директор што предизвика реакции во јавноста. И овојпат, според медиумите и вработените кои на Хелсиншки комитет му ја доставија целата достапна документација имаме основани сомненија дека се работи за незаконски постапки.
Хелсиншкиот комитет ги следи најновите случувања со Младинскиот културен центар, во врска со назначувањето на нов в.д. директор од страна на г. Скопје, несоодветното намалување на буџетот на институцијата и спроведување отворен и транспарентен конкурс за нов директор.
Поради сомнежите кои ги посочуваат од МКЦ, Хелсиншкиот комитет ќе започне постапка пред повеќе надлежни институции со барање да се испитаат наодите во доставената документација. Доколку институциите утврдат дека целата постапка била незаконски спроведена, бараме во рамките на своите надлежности да утврдат одговорност кај сите засегнати страни.
Хелсиншкиот комитет продолжува да ги следи случувањата и бара постапување со должно внимание од страна на сите надлежни институции.