јануари 26, 2023

Koчо Андоновски и Уранија Пировска – Неразрешените случаи на напади врз ЛГБТИ лицата ја зголемуваат правната несигурност

Линк до оригиналната статија 

ЛГБТИ Центарот за поддршка минатата година во октомври одбележа 10 години постоење што е вистински успех за видливоста и унапредувањето на човековите права за ЛГБТИ лицата во нашата земја. Иако сè уште постојат предизвици кои треба да се поминат и да се зголеми свесноста за постоењето и прифаќањето на ЛГБТИ лицата, сепак Кочо Андоновски и Уранија Пировска се оптимисти и децидни дека борбата ќе продолжи со ист интензитет и дека досегашните успеси се вистинско мерило за уште поголем мотив за совладување на предизвиците.

Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка

Прославивте 10 години од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка и тоа е навистина голем успех и јубилеј. Кога би се осврнале на почетоците и денешницата, како би го оцениле развојот и поддршката за ЛГБТИ лицата во нашата земја?

Честопати ние луѓето сакаме брзи резултати, брзи промени и ни се чини како ништо да не се менува ако процесот трае подолго. Но, после десет години од отварањето на Центарот за поддршка, и после скоро дваесет години активизам јас ја гледам и чувствувам промената. Ако ЛГБТИ Центарот после самото отварање ноќта беше цел на напад и деструкција, денес ситуацијата е значително променета. Денес веќе имаме повеќе организации кои работат на подобрување на животот на ЛГБТИ луѓето, имаме многу повеќе активисти кои се отворени и храбро се застапуваат себеси и својата заедница, можеме веќе да зборуваме за заедница која си има своја внатрешна динамика и овозможува „место на топење“, на припадност за ЛГБТИ луѓето надминувајќи ја изолацијата, барем за голем дел од ЛГБТИ заедницата. Исто така има промена и во политичкиот дискурс и начинот на кој приоѓаат политичарите кон прашањето, па денес можеме да зборуваме и за ЛГБТИ Меѓупартиската група во Собранието, во која има членови од скоро сите партии застапени во Собранието на РСМ. И на крај, но не помалку важно ние веќе имаме зад нас три успешни Прајда, а трите илјади луѓе кои минатата година на крајот славеа со Скопје Прајд во Стадионот на АРМ, покажува и дека сфаќањето и прифаќањето на ЛГБТИ луѓето од граѓаните во државава се зголемува и целосно го менува секојдневното функционирање на ЛГБТИ луѓето.

Помошта и сигурноста која ја нуди ЛГБТИ  Центарот е голема мотивација и поттик за секој да се чувствува слободен да биде тоа што сака без задршка. Што навистина значи и конкретно каква помош пружа Центарот?

ЛГБТИ Центарот за поддршка освен работата на застапување заедно со правниот тим на Хелсиншкиот Комитет за човекови права и Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, исто така нуди и сервиси за заедницата, од бесплатна правна помош, помош при комуникација и користење на социјалните услуги од државата, можеби најзначен наш сервис е Сигурната куќа, единствен шелтер центар за ЛГБТИ луѓе во нашата држава за преживеани од насилство. Од неодамна функционира и нашиот социјален клуб Комитет, каде простор за себереализација и креација можат да најдат квир уметниците, каде цела заедница може да се социјализира борејќи се со изолацијата, а во исто време ова е и наш обид за развивање на социјално претпријатие и самоодржливост барем во одредени сегменти.

Фазата во која сме ни укажува дека сè повеќе луѓе се отвараат пред своите блиски што исто така го зголемува насилството, неприфаќањето и, особено за младите, ризикот од бездомништво.

Се соочуваме со анти-родови движења и идеологија кои сериозно може да предизвикаат штетни последици во општеството. Што сметате дека треба да се направи за да се зголеми свеста за правата и слободите на ЛГБТИ заедницата и одговорноста која треба да се преземе од страна на надлежните?

„Културолошките војни“ кои ги спроведува одредена политичка струја глобално, а секако има свои претставници и кај нас, немајќи специфични политики за кои се застапува и кои би донесле промени, економска, правна еднаквост и воопшто кои би го унапредиле цивилизацискиот контекст во кој живееме, ги жртвува најмаргинализираните групи во општеството и е закана не само за маргинализираните групи, туку и за демократијата како систем, за кој досега никој не понудил подобра и поправична замена. „Културолошките војни“ се потпираат на човековата наклонетост кон инерција и статус кво, а се поттикнати од оние кои се чувствуваат дека „се и заслужуваат повеќе од некои други“, односно од оние кои имаат страв од губење на привилегиите кои им ги овозможува нееднаквоста. Затоа одговорот мора да биде системски и државата мора да ги вклучи сите свои алатки, образовниот, економскиот, политичкиот систем, мора да воспостави соработка со граѓанските организации, медиумите (кои имаат особена одговорност) за да ги потисне овие општествени импулси кои сакаат да не вратат назад кога само за одредена повластена група е „рај на земјата“ а за сите други „пекол“.

Со какви предизвици најмногу се соочуваат денес ЛГБТИ лицата во нашава земја?

Луѓето кои се идентификуваат со ЛГБТИ заедницата ги живеат сите предизвици како и сите граѓани во државава, последиците од пандемијата, инвазијата на Украина од режимот во Москва (најголемиот застапник и поттикнувач на „културолошките војни“ глобално), кои ја разорија и таа мала економска и политичка стабилност која претходно беше постигната. Пандемијата, како и за жените, и за ЛГБТИ луѓето повеќекратно го зголеми ризикот и случаите на домашно насилство, ги осиромаши и и уште повеќе ги втурна во изолација. Фазата во која сме ни укажува дека сè повеќе луѓе се отвараат пред своите блиски што исто така го зголемува насилството, неприфаќањето и особено за младите ризикот од бездомништво. Интеграцијата во евро-атлантските структури ни дава надеж за континуирано напредување и подобрување на социјалниот и правниот статус на ЛГБТИ заедницата.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права

На почетокот  на отворањето на ЛГБТИ центарот имаше серија напади кои и денес по 10 години не се разрешени. Каква порака сметате дека испраќа ова неразрешување на настаните од страна на институциите?

Неразрешувањето на случаите на напади на ЛГБТИ центарот за подршка, останува да биде најголемата фрустрација на ЛГБТИ заедницата и на активистите за човекови права. Феноменот неказнивост за жал во Македонија не престанува да биде присутен што создава чувство на правна несигурност кај граѓаните. Тоа чувство е уште поизразено кога станува збор за ЛГБТИ заедницата бидејќи нашето општество и покрај направените чекори во оваа сфера од легислативен карактер, сè уште останува да биде хомофобично. Насилството не е единствениот страв и инхибиција во секојдневното функционирање, туку и стравот од соочување со институции и сè што значи државна администрација, со оглед на сè уште ниската свест и демократска култура кога станува збор за сексуалната ориентација.  Недовербата во институциите создава отпор и немање волја да се пријават евентуални напади.

Она што е клучно во менувањето на свеста за ЛГБТИ правата е образованието, кое за жал е на многу ниско ниво кога станува збор за демократска култура и вредности кои треба да им се всадат во главите на младите луѓе.

Дали и какви опасности сè уште демнат кон ЛГБТИ лицата?

ЛГБТИ луѓето сè уште се соочуваат со стигма, дискриминаторско однесување и некогаш физички напади. Неретко тие напади ги доживуваат од своето семејство, поради што голем дел остануваат без живеалиште и многу често се обраќаат за помош и сместување во нашата Сигурна куќа. Неприфаќањето на нивната различност им се случува многу често и на работните места или во самиот процес на вработување. Многу од овие случаи остануваат нерегистрирани и непроцесуирани поради недовербата во институциите.

Колку созреавте и што научивте низ сите овие години функционирање на ЛГБТИ Центарот? Што е планот за во иднина, како планирате да ја продолжите борбата и помошта?

Преку работата на ЛГБТИ центарот ги поминавме сите фази на развој и созревање на ЛГБТИ заедницата, од соочување и добивање храброст за слободно изразување на својата сексуалност и секако до моментот кога парадата стана потреба и неопходност и чин што значи созревање и гордо со исправена глава слободно покажување на својата различност. Сигурноста и безбедноста се мошне важен фактор во овој процес. Го паметиме времето кога беше сериозна опасност да се изразува сексуалната ориентација и беше невозможно или многу ризично да се спроведуваат активности што би значеле јавно искажување и јавни перформанси. Сето тоа, во тоа време, се правеше најчесто во нашиот Центар и далеку од очите на јавноста. Политичката волја да се заштитуваат ЛГБТИ правата секако беше најважниот момент кога започнаа да се придвижуваат работите, најпрво со унапредување на легислативата, а потоа и со одржувањето на првата Парада на гордоста.

Во Скопје се одржаа три паради на гордоста кои покажаа дека може и мора да се развива свеста за поддршката на ЛГБТИ лицата и дека овие паради се навистина потребни. Колку според вас во иднина може да очекуваме поголема поддршка за Парада на гордоста и што треба да се преземе за поголема едукација на населението за правата и слободите на ЛГБТИ лицата?

Сметам дека после три успешни паради, нема да имаме проблем и со следната и очекувам исто ниво на професионалност од страна на МВР. Она што е клучно во менувањето на свеста за ЛГБТИ правата е образованието, кое за жал е на многу ниско ниво кога станува збор за демократска култура и вредности кои треба да им се всадат во главите на младите луѓе. Сè уште има учебници и наставен кадар кој наместо да им всадува на младите луѓе чувство дека различноста е богатство кое треба да се негува, има всадува страв од различното и непознатото. Различното и непознатото треба да стане познато и да се разбере преку соодветни наставни содржини кои ги нема. Непознатото создава страв, а индоктринацијата преку образовните содржини тој страв само го продлабочува. Нашата борба за еднаквост и толеранција е и ми се чини дека уште долго ќе биде исправена со низа предизвици од проста причина што ние сме сè уште држава која се соочува со безброј системски неправилности, бирократија и ниска демократска култура и сето тоа за жал најмногу го чувствуваат ранливите групи во општеството. Сепак, ние сме ентузијасти и не забораваме од каде почнавме и до каде сме стигнати и тоа секогаш ни го дава мотивот да продолжиме и да се справуваме и понатаму со сите предизвици во нашата борба. ЛГБТИ правата се човекови права и таа борба продолжува!