ноември 30, 2016

Граѓанска акција „Ние одлучуваме!“: Одработувањето на „Денот на дрвото“ не смее да биде на 10-ти декември, пред денот на гласањето на парламентарните избори

Граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ ја информира јавноста дека се добиени информации од вработени во државната администрација за одработувањето на денешниот ‘Ден на дрвото’, што најверoјатно ќе се случи во сабота, на 10 декември 2016 година, еден ден пред закажаните парламентарни избори.

Сметаме дека одлуката оваа акција ‘Ден на дрвото’ да биде спроведена на денешен датум, во тек на изборната кампања, од една страна ги прекршува одребите на Изборниот законик, а од друга страна е тенденциозна со цел да влијае на обврските на државната и јавната администрација ангажирана во изборните органи. Имено, ако се земе предвид дека во изминативе две години за потребите на оваа акција се одработувал денот во втората наредна сабота од нејзиното одржување, предупредуваме дека намерата 10 декември да биде работен ден за администрацијата е влијание на нормалниот тек на предизборниот ден и ангажманот на администрацијата вклучена во изборните органи кои го примаат изборниот материјал на избирачките места.

Одлуката 10 декември да биде работен ден, која е многу веројатно дека ќе биде донесена, е спорна поради можноста за директен последен притисок врз државната администрација пред денот на гласањето.

Можноста денот пред изборите да биде работен ден за вработените во администрацијата влијае и на можноста за остварување на нивното гласачко право за оние лица кои работат надвор од градот во кој се регистрирани за гласање. Дополнително, на ова може да влијаат и временските услови, доколку се земе предвид дека изборите се одржуваат во зимскиот период.

Загрижува фактот што повторно од страна на организациите кои ги набљудуваат изборите, невладината организација МОСТ, како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје во првичните извештаи се забележани случаи на наводни притисоци врз вработените во администрацијата да ја поддржат владејачката коалиција, особено владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Земајќи ја предвид важноста на овие избори, апелираме до политичките партии да ги елиминираат притисоците врз вработените во администрацијата.

Во оваа насока би сакале да потсетиме дека спречувањето на гласање и повредата на слободата на определување на избирачите претставуваат кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку три години.

Со почит,

Граѓанска акција „Ние одлучуваме!“

Контакт: info@nieodlucuvame.mk