Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите

јули 15, 2021

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека граѓанската обврска за масовна вакцинација е неопходна мерка заради заштита на  здравјето на луѓето, затоа што токму должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, претставува највиска граѓанска обврска, која е и уставно регулирана во членот 39  од Уставот на Р.С Македонија, кој гласи:

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“.

Видно од горенаведеното, граѓаните покрај уставно гарантираните права, имаат и уставно регулирани должности, за чие неисполнување постојат уставно регулирани забрани за движење предвидени во членот 27 од Уставот на Р. С. Македонија кој гласи:

Секој граѓанин има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето“.

Воедно, истакнуваме дека задолжителната вакцинација, за одредени заразни болести е веќе предвидена во членот 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, додека во истиот закон, минатата година беа додадени одредби кои се однесуваат на заштита и спречување на ширењето на заразната болест Ковид 19.

Дополнително, масовната вакцинација го штити не само лицето кое се вакцинира, туку  создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Компаративно, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Уставниот суд во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација, од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите.[1]

Конечно, имајќи го предвид ставот на стручната јавност и здравствените институции дека само со стапка на вакцинација над 95 отсто ќе се обезбеди колективен имунитет и ќе се оневозможи ширењето на вирусот помеѓу популацијата, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение  дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права.

 

 

 

[1] Решение на Уставниот Суд на Република Северна Македонија број 30/2014-0-0, донесено на 08.10.2014