Говорот на омраза мора да се санкционира!
Хелсиншкиот комитет во рамките на својот мандат за промовирање и заштита на човековите права и слободи посветено работи на сузбивање на говорот на омраза и разните облици на повикување на насилство и нетолеранција, кои за жал се сè почеста појава во јавниот дискурс во Македонија.
Општествено политичките случувања во последниот период, како што се потпишувањето и ратификацијата на Договорот за добрососедство со Р. Бугарија, донесувањето на Законот за јазици, интензивираниот процес на преговори за името предизвикаа или станаа повод за спирала на националистички, ксенофобични, иредентистички, етноцентристички реакции од дел од експертската јавност но и од дел на граѓаните.
Хелсиншкиот комитет најостро ги осудува говорот на омраза и повикувањата на насилство, независно од кого потекнуваат. Потсетуваме дека ваквите пораки и повикувања се исклучително опасни за карактерот и опстојувањето на нашето мултиетничко и мултикултурно општество. Оттука, Хелсиншкиот комитет упатува апел до сите граѓани на Република Македонија да се воздржат од употреба на говор на омраза, навредливи и провокативни пораки кон различните етнички заедници и националности.
Сепак, иако говорот на омраза и повикувањето на насилство и нетолеранција кои потекнуваат од обичниот граѓанин се опасни, далеку поопасни се оние кои доаѓаат од јавните личности во земјава, политичари, новинари, аналитичари, членови на академската заедница како и коментатори кои имаат значителен број на следбеници на социјалните мрежи. Овие личности носат многу поголема одговорност за искажаните зборови во јавноста преку било кој медиум поради нивната улога во креирањето на јавното мислење.
Последен ваков регистриран случај се искажаните ставови и пораки на новинарката Мирка Велиновска во гостувањето во емисијата „Лејт Најт Шоу“ од 27.01.2018, чиј автор и домаќин е новинарот Миленко Неделковски. Видеото од емисијата е моментално прво на трендинг листата на Јутјуб во Македонија и досега има скоро 50 000 прегледи. Во емисијата, Велиновска употребува погрдни и навредливи зборови за албанската етничка заедница во земјава и пошироко, претставувајќи ја како непријател на македонската етничка заедница. Велиновска понатаму изнесува тврдење дека „ќе има терор на улиците“ во Македонија, како одговор на гореспоменатите општествено политички процеси, со тоа поттикнувајќи меѓуетнички тензии и нетрпеливост.
За искажаните говор на омраза и повикувања на насилство, Хелсиншкиот комитет ќе поднесе соодветни кривични пријави до Јавното обвинителство.